Папата Фрањо: Здравјето не е луксуз!

Папата Фрањо: Здравјето не е луксуз!

Светиот Отец примајќи ги во аудиенција ги поздрави членовите на италијанскиот национален сојуз на медицински радиолошки техничари и здравствени професии за рехабилитација и превенција, пофалувајќи ја нивната работа и ги повика владите на државите да најдат стратегии и ресурси за основна и пристојна здравствена заштита за секој човек!

Свет кој ги отфрла болните, кој не им помага на оние кои самите не можат да си дозволат лекување, е циничен и нема иднина!

Папата Фрањо ја истакна оваа точка на приемот на околу 150 членови на италијанскиот национален сојуз на медицински радиолошки техничари и здравствени професии за рехабилитација и превенција.

Посветеност за време на пандемијата Ковид-19

Во своето обраќање Папата им се заблагодари на присутните за нивната посветеност и истакна дека без нивните напори, многу пациенти немаше да бидат излекувани во последните три години од пандемијата Ковид-19.

Чувството на должност поттикнато од силата на љубовта ви овозможи да ја посветите својата работа за служење на другите, дури и доведувајќи го во опасност сопственото здравје, нагласи Папата.

Култура на грижа наспроти културата на отфрлање

Во пресрет на Светскиот ден на болните, кој ќе се одбележи на 11 февруари, папата Фрањо рече дека настанот нуди можност да се размислува за искуството од болеста. Ова – нагласи тој – денес е дотолку посоодветно, дури и неопходно, бидејќи културата на ефикасност и расипништво често нѐ принудува тоа да го негираме.

Папата посочи дека културата на грижа функционира на спротивен начин, фокусирајќи се на Милосрдниот Самарјанин чиј пример треба да го следиме.

Параболата за Милосрдниот Самарјанин ни покажува дека заедница може да изградат мажи и жени кои се поистоветуваат со ранливоста на другите, кои отфрлаат создавањето општество на исклучување и наместо тоа дејствуваат како соседи, подигајќи ги и рехабилитирајќи ги оние во потреба за општо добро, – истакна Папата.

Светиот Отец дополнително ја истакна човечката димензија во здравството

Тој ги пофали членовите на гореспоменатиот сојуз затоа што ја ставаат човечката личност во центарот на нивната работа, гледајќи ја преку физичките, менталните и духовните потреби и не дозволувајќи нивната работа и грижа за пациентот да се претворат во стерилна ефикасност или ладна примена на протоколи.

Човечката димензија во центар

Пациентите се луѓе кои бараат да се лекуваат и да се чувствуваат згрижени, па затоа е важно кон нив да се однесуваме човечно и со емпатија, посочи папата Фрањо.

Потсети дека и здравствените работници се луѓе на кои им треба некој кој ќе се грижи за нив, со тоа што ќе ја препознае нивната услуга, ќе се грижи за условите за работа и ќе ангажира соодветен број нови здравствени работници.

Здравјето не е луксуз

Затоа Папата го повтори својот повик до државите да изнајдат стратегии и ресурси за да го гарантираат на сите основното право на основна и пристојна здравствена заштита, како што тоа го направи во својата порака за 31. Светски ден на болните.

Здравјето, нагласи тој, не е луксуз!

На крајот, папата Фрањо повика етичките вредности секогаш да ги гледаат како неопходна поддршка за нивната професија.

Доколку се добро усвоени и комбинирани со научно знаење и потребни вештини, рече Папата, етичките вредности ви овозможуваат на најдобар можен начин да ги придружувате луѓето што ви се доверени.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот