Да ги отвориме сопствените „запечатени гробови“ за Господ

Велигден е прослава на надежта затоа што Божјата љубов никогаш не разочарува – е резимето на пораката на Светиот Отец од синоќешното Велигденско бдениe, кое го предводеше во Ватиканската базилика при што крсти и 12 катекумени.

Велигден е прослава на надежта затоа што Божјата љубов никогаш не разочарува – е резимето на пораката на Светиот Отец од синоќешното Велигденско бдение, кое го предводеше во Ватиканската базилика. Во текот на „мајката на сите бденија“ Папата крсти 12 катекумени – 8 жени и 4 мажи – од Италија, Албанија, Камерун, Јужна Кореја, Индија и Кина. Меѓу нив беше и амбасадорот на Јужна Кореја во Италија Јонг- Јоон Ли и неговата сопруга Хи Ким.

Отстранете го каменот на недостатокот од надеж

Постои камен кој треба да го отстраниме во ноќта која води до Воскресението и тоа не само каменот кој го затвора Христовиот гроб, туку и оној недостаток на надеж кој нè затвора во самите себе – рече папата Фрањо во проповедта. Потсети дека токму надежта е таа која го поттикнува Петар да трча на Исусовиот гроб.

Петар „не останал да седи и да размислува, не останал затворен во куќата како другите. Не се заробил во мрачната атмосфера на тие денови и не дозволил да го преплават сомнежи; не се удавил во грижата на совеста, во стравот и постојаните гласини кои не водат до ништо. Го барал Исус, а не самиот себе. Попрво го избрал патот на средба и доверба“ – рече Светиот Отец.

Во одредена смисла тој гест бил „почеток на Петровото „воскресение“, воскресението на неговото срце“, во кое што дозволил да влезе Божјата светлина. Папата поттикна за Господ да ги отвориме сопствените „запечатени гробови“ да Му ги донесеме „камењата на грижите, камењата на минатото, тешките товари на слабостите и падовите“ за Бог да нè земе за рака и да нè изведе од маките.

Страшна замка: Христијани без надеж

„Нека Господ нè ослободи од овие страшни замки: да бидеме христијани без надеж кои живеат како Господ да не воскреснал и како во центарот на животот да се нашите проблеми“ – рече папата Фрањо.

Да ги расветлиме проблемите со светлината на Воскреснатиот, односно да „евангелизираме“: така гласи предлогот на Папата повикувајќи ги верниците да не дозволат темнината и стравовите да го привлечат погледот на душата и да го запоседнат срцето. Наместо тоа треба да негуваме надеж. А надежта не е „едноставно оптимизам“ или само „психолошка состојба“, дури ниту „повик да се охрабриме“, туку таа е „Божји дар кој не разочарува“.

Утешителот – нагласи – не постапува така што да ни остави впечаток дека сè е убаво, не го отстранува злото со магично стапче, туку влева вистинска животна сила која не е отсуство на проблемите, туку сигурност дека сме сакани и дека Христос секогаш ни простува. Тој за нас го победи гревот, смртта и стравот. Денешното славење – продолжи Папата – е славење на нашата надеж, славење на сигурноста дека нас ништо или никој нема да може да нè раздели од Божјата љубов.

Без надеж и навестување на Воскреснатиот само сме структура со голем број на следбеници

Зацврстени со таа сигурност христијаните се повикани да ја разбудат надежта во срцата кое е отежнато со тагата во оние кои тешко ја наоѓаат светлината на животот. Повикани се заборавајќи на самите себе да го навестат Воскреснатиот со животот и љубовта. Во спротивно ќе бидеме само „меѓународна структура со голем број следбеници и со добри правила, но кои не можат да даруваат надеж за која светот е жеден – предупреди Папата.

Меѓутоа таа надеж треба да се нахрани присетувајќи се на Господовата добрина и на неговите зборови кои нè допреле. „Да се сеќаваме и да ги направиме свои за да бидеме како утринската стража која може да ги спознае знаците на Воскреснатиот.“ „Христос воскресна. Да се отвориме за надежта и да појдеме кон Велигден кој нема да има крај“ – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот