Зошто Исус во Евангелието вели дека „кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред вечниот суд.”?
Црквата јасно учи дека „Божјата милост нема граници“ (ККЦ 1864). Исус Христос умре за гревовите на сите, и секој човек што се кае за своите гревови и Го следи Христос може да добие простување и нов живот.
Тогаш, зошто Исус во Евангелието вели дека „кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред вечниот суд.“? (Мк 3,29). Дали тоа е некаков исклучок од кој треба да се плашиме?
Да, но не на начинот на кој можеби мислиме.
Најнапред, да видиме што точно вели Христос. Учењето на нашиот Господ за „хула против Светиот Дух“ е запишано во сите три синоптички Евангелија.
Во Евангелието според Марко, Исус вели:
„Вистина, ви велам: на човечките синови ќе им се простат сите гревови и хули, какви и да бидат тие; но, кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред вечниот суд. (Мк 3,28-29).
Слично сведоштво наоѓаме и кај Матеј и Лука.
Што е гревот против Светиот Дух?
Катехизмот на Католичката црква директно го објаснува ова учење:
„Божјата милост нема граници, но секој што намерно одбива да ја прифати Неговата милост преку покајание, го отфрла простувањето на своите гревови и спасението што го нуди Светиот Дух. Таквата тврдокорност може да доведе до конечно непокајание и вечна загуба“ (ККЦ 1864).
Со други зборови, „хула против Светиот Дух“ е упорното отфрлање на Божјото простување сè до крајот на животот. Тоа е хула против Светиот Дух затоа што спасението му се нуди на човекот преку Светиот Дух.
Папата свети Иван Павле II го објаснува ова во својата енциклика за Светиот Дух, Dominum et Vivificantem:
„Зошто хулата против Светиот Дух е непростлива? […] Свети Тома Аквински одговара дека станува збор за грев кој е ‘непростлив по самата своја природа, бидејќи ги исклучува елементите преку кои се случува простувањето на гревот’.“
„Според ова толкување, ‘хулата’ не се состои првенствено во навредување на Светиот Дух со зборови, туку во одбивање да се прифати спасението што Бог му го нуди на човекот преку Светиот Дух, Кој дејствува со силата на Крстот.“
Значи, дали треба да бидеме внимателни да не го сториме гревот на хула против Светиот Дух?
Не во смисла дека треба да се плашиме од грев што е толку тежок што Бог не може да ни го прости ако искрено се покаеме. Таков грев не постои.
Но, треба да бидеме внимателни да не го отфрламе Божјото простување.
По смртта нема втора шанса. Во Својата љубов и добрина, Бог ни ја нуди благодатта на спасението. Затоа сме повикани понизно и без одлагање да се покаеме за своите гревови и да го прифатиме Божјиот бесплатен дар на милост.
CHPop/к.мк

