Годишнина од изборот на папата Павле VI

Ватикан, 24.6.2013 /к.мк/ – На 21 јуни 1963 година, кардиналот Џовани Батиста Монтини е избран за Папа. За папско име го зема Павле VI и ја водеше Католичката Црква во тешки времиња сѐ до 1978 година.

Беше последниот Папа што се круниса со „тијара“. Ги редуцираше церемониите, па дури и тијарата што ја доби како поклон, ја продаде во корист на сиромасите. Беше првиот Папа кој патуваше по светот, па го нарекуваа „Папа поклоник“. Ги посети САД, Индија, Турција и Иран.

Имаше клучна улога за време на Вториот ватикански собор, претседаваше со три од четири заседанија. Соборот донесе 16 декрети, а ниту една догма. Пред Соборот да заврши со работа, именувани се четири Папски комисии, кои треба да ги толкуваат и применат во дело соборските заклучоци. За верниците најзначајна беа промените во обредот. Мисата не беше повеќе служена на латински јазик, туку на народен јазик, со свештеникот завртен кон народот. Тоа што се успеа Римскиот обред да го измени обликот на богослужење скоро преку ноќ во целиот свет претставува епохално дело.

Исто така папата Монтини го објави и историскиот чекор на укинување на анатемите помеѓу Рим и Цариград, кои од 1054 година ги оддалечуваа Истокот и Западот и со кои беше започнал големиот раскол. Ги зајакна и екуменските односи со Православната, Англиканската и Протестанската Црква и со нив склучи историски договори.

Објави и три многу важни енциклики: Напредок на народите (Populorum progressio), Свештенички целибат (Sacerdotalis coelibatus) и Човечкиот живот (Humanae Vitae). Во првата се зборува за напредокот на народите и ја изнесува својата визија за поправеден свет, додека втората енциклика зборува за потребата од свештеничкиот целибат. Во третата пишува за вредностите на човечкиот живот и нагласува дека љубовта во бракот треба да развеселува, се додека е и можно раѓањето. Истотака, ја забранува и употребата на контрацепциски средства.

Ја одреди и старосната граница од 75 години во која епископите треба да побараат ослободување од активната служба, и кардиналите постари од 80 години не можат да го избираат новиот Папа. Исто така воведува во конклавата да нема повеќе од 120 кардинали.

Почина ненадејно на 6 август 1978 година како последица од срцев удар во Кастел Гандолфо за време на летниот одмор.

Папата Бенедикт XVI во 2012 година ги призна „херојските крепости“, а постапката за негова беатификација е при крај. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<