Говор на Апостолскиот Нунциј на церемонијата предавање акредитивни писма до Претседателот на Република Македонија
На церемонијата на предавање на акредативните писма на претседателот на Република Македонија во четвртокот 24 јули 2014 година, Апостолскиот нунциј во Република Македонија, Н.Е. Архиепископ Анселмо Гвидо Пекорари во придружба на Н.В.П. монс. Киро Стојанов, бискуп скопски и Апостолски егзарх во Македонија o. Јан Малчек, секретар на Апостолската Нунцијатура, и о. Марјан Ристов, соработник на дипломатската Мисија на Светата Столица го упати следниот говор до Неговата Екцеленција, Г-дин Претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Ваша Екселенција, Г-дин Претседател на Република Македонија,
Чест е и радост што можам денес да Ви ги доставам акредитивните писма со кои Светиот Отец, папата Фрањо ме именува за Апостолски Нунциј во Република Македонија.
Светиот Отец побара од мене, пред само неколку дена, да ги пренесам до Вашата Екселенција, Г-дин Претседател, неговите најсрдечни поздрави, и во исто време, да ја изразам неговата длабока почит кон Вас, кон граѓанските и црковни власти и кон сите луѓе кои живеат во оваа прекрасна земја.
Папата Фрањо беше длабоко импресиониран од неодамнешната посета на македонската делегација на Ватикан и Рим, која што беше предводена од Вашата Екселенција, по повод прославата на светите Кирил и Методиј, Ко-патрони на Европа.
Аудиенцијата одобрена од Светиот Отец за Вашата Екселенција на 21 мај, како и церемонијата на презентација на акредитивните писма денеска, се знак и сведоштво на добрите односи кои постојат помеѓу Светиот Престол и Република Македонија.
Како Апостолски Нунциј, го претставувам Светиот Престол во Македонија. Апостолскиот Престол, кој има свое потекло во својата централна референтна точка во Рим, во Апостолите свети Петар и свети Павле, сака да ја увери Вашата Екселенција за својата посветеност за зајакнување на односите со Република Македонија. Желба е на Светиот Престол и моја желба е македонската нација да расте економски и во просперитет, да растат мирот и солидарноста, заедно со продлабочена соработка помеѓу граѓанските и религиозни групи и нивните лидери.
Светиот Престол, во својот статус како централна управа на распространетата Католичка Црква, ќе стори сè за да го задржи активното и динамично присуство на Република Македонија во контекстот на мешународната заедница.
Како Апостолски Нунциј, би сакал да Ве уверам Ваша Екселенцијо во мојата целосна посветеност во поддршката и одржувањето на општото добро на оваа прекрасна нација, преку помагање на Католичката црква, но и на сите граѓански и религиозни заедници.
Фото: president.gov.mk