Во катехезата на Генералната аудиенција во среда 1 јуни 2022 година, Папата ја истакна потребата од реформи во цивилизацијата и политиката кои ги маргинализираат староста и болеста. Од постарите, рече тој, „учиме за дарот да се препуштиме другите да се грижат за нас, почнувајќи од самиот Бог“.
Реформата на модерната цивилизација, измачена од болести и старост, треба да започне од „училиштето на кревкоста“ на она што можат да нè научат постарите луѓе. Оваа реформа сега е неопходно потребна, бидејќи маргинализацијата на староста го расипува секој период од животот – рече папата Фрањо во дванаесеттата катехеза посветена на староста, повторувајќи дека од постарите треба да го научиме дарот да се препуштиме другите да се грижат за нас, почнувајќи од самиот Бог. При тоа посебно предупреди на политиката, која многу е зафатена со определување на границите на достоинствен живот, која, сепак, е нечувствителна за достоинството на приврзаниот соживот со старите и болните.
Култура на отфрлање
Папата ја започна својата катехеза осврнувајќи се на „прекрасната молитва“ од Псалм 70 и зборуваше за големата напнатост во староста, обележана со слабоста што го придружува низ кревкоста и ранливоста на староста. Тоа е процес – се жали стариот псалмист – кој станува можност за напуштање, измама, насилство и надмоќност, што понекогаш се користи во однос на постарите.
Станува збор на подмолност во која се специјализираме во нашето општество. Во оваа култура на отфрлање, старите лица се туркаат настрана и страдаат поради овие работи. Имено, не недостасуваат оние кои ја користат возраста на постарите за да ги измамат, заплашуваат на илјада начини – истакна Папата.
Тоа е драмата, за која често зборуваат медиумите, за постари луѓе кои често пати се измамени за да се присвојат нивните заштеди, или кои биле оставени без заштита и напуштени без грижа, или кои биле повредени од облици на презир и заплашување да се откажат од нивните права. Вакви суровости се случуваат и во семејствата – предупреди Папата, спомнувајќи ги отфрлените стари лица, напуштени во пензионерски домови, кои не ги посетуваат децата или ако ги посетуваат, тоа го прават неколку пати годишно. Стар човек сместен токму во ќошот на постоењето. И тоа е она што се случува денес; тоа се случува во семејствата, секогаш се случува. Треба да размислиме за тоа – поттикна Светиот Отец.
Според мислењето на Папата, целото општество треба да побрза да се погрижи за своите постари луѓе, кои стануваат сѐ побројни, а често и напуштени. Кога слушаме за постари луѓе лишени од автономија, нивната безбедност, дури и нивниот дом, сфаќаме дека амбивалентноста на денешното општество во однос на староста не е проблем на повремени итни случаи – истакна тој – туку карактеристика на културата на отфрлање што го труе светот во кој живееме.
Ги криеме годините за да не го изгубиме достоинството
Последиците се кобни – забележа Папата. Староста го губи своето достоинство, па дури и се сомнева дека заслужува да продолжи да живее. Така, сите сме во искушение да ја скриеме нашата ранливост, нашата болест, нашата возраст, нашата старост, бидејќи се плашиме дека тие се предворје за губење на нашето достоинство.
Да се запрашаме: Дали е човечко да се предизвикува такво чувство? Како тоа, модерната цивилизација, толку напредна и ефикасна, може да биде толку во мака од болести и староста? Како тоа политиката, која толку многу ја покажува својата посветеност на поставување на границите за достоинствен живот, во исто време е нечувствителна за достоинството на приврзаниот соживот со старите и болните? праша папата Фрањо.
Молитва кон Бога ја потресува нечувствителната совест
Старецот од псалмот, кој својата старост ја доживува како пораз, сепак повторно ја открива довербата во Господа. Чувствува потреба да му се помогне и се обраќа кон Бога – истакна Папата. Неговото повикување сведочи за Божјата верност и ја поттикнува неговата способност да ја потресе совеста искривена од нечувствителноста кон смртниот живот, кој мора да се зачува во целост.
Срамота за оние кои ја користат слабоста на старите
Навистина, срамот треба да падне на оние што ја користат слабоста на болеста и староста. Од друга страна, постарите луѓе повторно ја откриваат молитвата и сведочат за нејзината моќ. Навистина, Исус во евангелијата никогаш не ја одбива молитвата на оние кои имаат потреба. Постарите луѓе, поради нивната слабост, можат да ги научат оние што живеат во други возрасти дека сите треба да му се препуштиме на Господа, да го повикаме на помош. Во таа смисла, сите треба да учиме од староста.
Маргинализацијата на постарите ги расипува сите периоди од животот
Папата затоа го истакна „училиштето за кревкост“ кое не треба да се крие, бидејќи тоа е вистината; тоа е учење што староста на веродостоен начин може да ја памети во текот на човечкиот живот. Тоа учење отвора одлучувачки хоризонт за реформа на нашата цивилизација. Реформа која сега е повеќе од потребна во корист на соживотот на сите. Маргинализацијата на староста – апстрактна и практична – ја расипува секоја возраст, не само староста, рече Папата.
И ти ќе бидеш стар
Секој од нас денес може да размисли за постарите во семејството; како се однесувам со нив, дали одам да ги посетам, дали ги почитувам. Постарите луѓе кои се во моето семејство; дали мислиме на тато, мама, дедо, баба, тетка, пријатели… Дали ги избришав од мојот живот или одам кај нив за мудрост? Мудроста на животот. Запамети: И ти ќе бидеш старец или старица. Староста доаѓаат кај секого. Како што сакаш кон тебе да се однсуваат кога ќе бидеш стар, така ти денес однесувај се со нив. Тие се сеќавањето на човештвото, сеќавањето на земјата. Потребно е да се заштитат постарите кои се мудрост – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк