Пофалната молитва беше во центарот на катехезата на папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 13 јануари 2021 година, која се одржа во библиотеката на Апостолската палата. Продолжувајќи со серијата размислувања за молитвата, Папата ја истакна важноста да го славиме Бога дури и во мрачните моменти од животот, бидејќи Господ е верен пријател кој никогаш не нè напушта. Катехезата на папата Фрањо ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Продолжуваме со катехезите за молитвата и денес даваме простор на димензијата на пофалбите.
Како почетна точка го земаме критичниот момент од животот на Исус. По првите чуда и вклучувањето на учениците во навестувањето на Божјото царство, посланието на Месијата минува низ криза. Иван Крстител се сомнева и му ја испраќа оваа порака – Иван е во затвор: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“ (Матеј 11,3). Ја чувствува таа вознемиреност, не знае дали згрешил во своето послание. Во животот секогаш има моменти на темнина, моменти на духовна ноќ и Иван минува низ тие моменти. Во градовите на езерото, каде што Исус направи толку многу чудесни знаци, владее тврдоглавост (сп. Матеј 11, 20-24). И токму во овој момент на разочарување Матеј донесува навистина изненадувачки факт: Исус не се жали на Отецот, туку воздигнува пофалба: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил тоа од мудрите и разумните, и си го открил на младенците (Матеј11, 25). Среде кризата, среде темнината во душите на толку многу луѓе, како кај Иван Крстител, Исус го благословува Отецот, Исус воздигнува пофалба на Отецот. Но зошто?
Пред сè, му воздигнува пофалби поради она што е: „Оче, Господи на небото и на земјата“. Исус се радува во својот дух затоа што знае и чувствува дека неговиот Отец е Бог на вселената и обратно, Господ на сè што постои е Отецот, „мојот Отец“. Од тоа искуство во кое се чувствува како „син на Севишниот“ извира пофалба. Исус се чувствува како син на Севишниот.
Потоа Исус го фали Отецот затоа што тој особено ги сака малите. Тоа е она што и Тој самиот го доживува додека проповеда во селата: „учените“ и „мудрите“ се сомневаат и се затворени, прават свои пресметки; додека „малите“ се отвораат и ја прифаќаат пораката. Не може да биде ништо друго освен волја на Отецот и Исус се радува на тоа. И ние мора да се радуваме и да го славиме Бога затоа што понизните и едноставните го прифаќаат евангелието. Се радувам кога ги гледам тие едноставни луѓе, скромни луѓе кои одат на поклонение, кои одат да се молат, кои пеат, кои воздигнуваат пофалби, луѓе на кои можеби им недостасуваат многу работи, но понизноста ги наведува да го величаат Бога. Во иднината на светот и во надежите на Црквата тие се секогаш „мали“: оние кои не се сметаат себеси за подобри од другите, кои се свесни за своите граници и за своите гревови, кои не сакаат да доминираат над другите, кои, во Бога Отецот, сите меѓусебно се признаваат како браќа.
Значи, во тој момент на очигледен неуспех, каде сè е опфатено од темнина, Исус се моли славејќи го Отецот. И неговата молитва нè наведува и нас, кои го читаме Евангелието, да гледаме поинаку на нашите лични порази, ситуации во кои не го гледаме јасно присуството и дејствување на Бога, кога се чини дека преовладува злото и нема начин како да се запре тоа. Исус, кој исто така ревносно ја препорача просителната молитва, токму во моментот кога имаше причина да бара објаснувања од Отецот, напротив, почна да му искажува пофалби. Звучи противречно, но тоа е така, тоа е вистината.
Кој има потреба од пофалба? Ние или Бог? Еден текст од евхаристиската литургија нè повикува да се молиме на Бога на следниот начин, а текстот гласи вака: „на тебе не ти е потребна нашата пофалба, но е твој дар што сме ти благодарни; поради нашите пофалби ти не стануваш поголем од тоа што си, туку ние стекнуваме милост за спасение“(Римски мисал, општ предговор IV). Со пофалбите ќе бидеме спасени.
На нас ни е потребна пофалната молитва. Во Катехизмот е дефинирано на следниот начин: „Тоа е соучество во блаженството на чистите срца кои го сакаат Бога со вера пред да го видат во Славата“ (бр. 2639). Колку и да звучи тоа парадоксно, оваа молитва мора да се моли не само кога животот нè исполнува со среќа, туку пред сè во тешки моменти, во моменти на темнина кога колата оди надолу. Тоа е исто така време на пофалби. Да бидеме како Исус кој во моментот на темнината воздигнува пофалби до Отецот. Затоа што учиме дека по тоа искачување, на овој тежок пат, на овој мачен пат, на овие предизвикувачки патеки, можеме да видиме нов пејзаж, поотворен хоризонт. Пофалбата е како да се диши свеж воздух: ја прочистува душата, ти овозможува да гледаш подалеку, не те остава заробен во тешките и моменти на темнина низ кои поминуваме кога ќе нѐ снајдат потешкотии.
Постои една молитва која во себе содржи прекрасно учење, која не изгубила ништо од својата сила, дури и по осум века. Тоа е „Песна на братот сонце“ или „Песна на созданијата“ која ја има составено свети Фрањо на крајот од неговиот живот. Сиромавиот не ја составил во моменти на радост, благосостојба, туку напротив среде тешкотии. Фрањо скоро слеп и во својата душа чувствувал тежина на осаменост што не ја искусил никогаш порано: светот не се променил од почетокот на неговото проповедање, сè уште има такви меѓу кои владеат расправии и раздор, а покрај тоа исто така чувствува дека му се приближува и смртта. Тоа би можело да биде момент на разочарување, на она крајно разочарување и свесност за сопствениот неуспех. Но, Фрањо во тој момент на тага, во тој момент на темнина моли. Како моли? „Фален биди, Господи мој“. Од неговите гради се воздигнува пофална молитва. Фрањо го слави Бога за сè, за сите дарови на создадениот свет, па дури и за смртта, која тој смело ја нарекува „сестра“, „сестрата смрт“. Овие примери на светците, Христовите ученици, па и Исусовиот, во кои се воздигнува слава на Бога во тешките моменти, ја отвораат вратата кон многу поголемиот пат кон Господа и секогаш нè чистат. Пофалбата секогаш прочистува.
Светците и светиците ни покажуваат дека секогаш може да се воздигне пофалба, во добри и во лоши времиња, затоа што Бог е верен Пријател. Тоа е основата на пофалбата: Бог е верен Пријател и неговата љубов никогаш не престанува. Тој секогаш е со нас, Тој секогаш нè чека. Некој рече: „Тој е стражар кој ти е близок и ти помага со вера да одиш напред во животот“. Во тешки и мрачни моменти, да собереме храброст да кажеме: „Благословен биди Господи“. Величај го Господ. Тоа ќе добро ни дојде.
Ватикан њуз/к.мк