Катехезата на Велика Среда, 31 март 2021 година, папата Фрањо ја посвети на Велигденското тродневие. Тој спомена многу денешни „распнати“, жртви на пандемијата, народи уништени од војни, деца кои умираат од глад. Катехезата на Папата ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Веќе потонати во духовната атмосфера на Страсната недела, се наоѓаме во пресрет на Велигденското тродневие. Од утре до недела ќе ги живееме централните денови на литургиската година, славејќи ја тајната на Господовите страдања, смртта и воскресението. Ова таинство секогаш го живееме кога ја славиме Евхаристијата. Кога одиме на света Литургија, не одиме само да се молиме, не е само тоа: одиме да го обновиме, повторно да го славиме тоа таинство, велигденското таинство. Важно е тоа да не се заборави. Тоа е како да одите на Голгота – тоа е иста работа – да се обнови, повторно да се помине низ пасхалното таинство.
На Велики Четврток навечер, влегувајќи во Велигденското тродневие, повторно ќе славиме света Литургија која се нарекува Coena Domini, односно света Литургија на која си спомнуваме за „Последната вечера“, која се случила таму во тие моменти. Тоа е вечерта во која Христос на своите ученици им го остави заветот на неговата љубов кон Него во Евхаристијата, но не како спомен, туку како спомен на неговата постојана присутност. Секој пат кога се слави Евхаристијата, како што реков на почетокот, се обновува тоа таинство на откупението. Во ова таинство, Исус го замени жртвениот принос – пасхалното јагне – со себе: неговото Тело и неговата Крв ни даваат спасение од ропството на гревот и смртта. Во нив е спасението од секое ропство. Тоа е вечер во која Тој бара од нас меѓусебно да се љубиме, служејќи си еден на друг, како што тоа го направи тој, миејќи им ги нозете на учениците. Тоа е жртва која антиципира на крвната жртва на крстот. Учителот и Господ ќе умре еден ден подоцна за да ги очисти не нозете, туку срцата и целиот живот на Неговите ученици. Тоа е жртвен принос со служење за сите нас, затоа што со таа своја жртва и служење нѐ откупи сите.
Велики Петок е ден на покора, пост и молитва. Со помош на текстовите од Светото Писмо и литургиски молитви во тој дух, ќе се собереме на Голгота за да се спомнеме на откупувањето и смртта на Исус Христос. Во сугестивен литургиски чин, пред нас ќе биде поставено распетието, на кое ќе се поклониме. Поклонувајќи се на крстот, повторно ќе поминеме по патот по кој помина невиното Јагне, жртвувано за нашето спасение. Во нашите умови и срца ќе ги носиме страдањата на болните, сиромашните, отфрлените од овој свет; ќе ги спомнеме „жртвените јагниња“: невините жртви на војните, диктатурите, секојдневното насилство, абортусите… Пред призорот на распнатиот Бог ќе донесеме многумина во нашите молитви, преголеми крстови на денешницата, за кои единствено Тој може да даде утеха и да даде смисла за тие страдања. А денес ги има многу: не заборавајте на денешните крстови, кои се слика на распнатиот Исус и во нив е Исус.
Откако Исус ги зеде врз себе раните на човештвото и самата смрт, Божјата љубов ги натопува овие наши пустини, ги осветлува овие наши темнини. Затоа што светот е во темнина. Да направиме список со сите војни што се водат во моментов; сите деца кои умираат од глад; деца без образование; цели народи уништени од војни, тероризам. Многу, многу луѓе на кои, за да се чувствуваат малку подобро, им требаат лекови, дрога, индустрија на дрога, која убива … Тоа е несреќа, тоа е пустина! Постојат мали „острови“ на Божјиот народ, без разлика дали се христијани или припадници на друга вера, кои ја чуваат во своите срца желбата да бидат подобри. Но, да кажеме за што всушност тука станува збор: на таа Голгота на смртта, токму Исус е тој, кој страда во своите ученици. За време на неговата служба, Синот Божји великодушно го раздаваше животот, лекувајќи, простувајќи, воскреснувајќи … Сега, во последниот час, во часот на жртвата на крстот, тој го довршува делото што му го довери Отецот: влегува во бездната на страдањата, влегува во неволјите на овој свет, да откупи и преобрази и секој од нас да го ослободи од силата на темнината, гордоста, отпорот кон Бога и неговата љубов. А тоа може да го направи само Божјата љубов. Ние сме излекувани од неговите рани (сп.1 Петрово 2,24), вели апостол Петар, со неговата смрт сите сме препородени, сите ние. И благодарејќи на него, напуштениот на крстот, никој никогаш повеќе не е сам во темнината на смртта. Никогаш, Тој секогаш е со нас: ние треба само да му ги отвориме срцата и да му дозволиме да нè гледа.
Велика Сабота е ден на тишина: голема тишина владее низ целата земја; тишина која ја искусија првите ученици во солзи и изгубеност, потресени од срамната смрт на Исус. Додека Словото молчи, додека Животот е во гроб, оние кои ја положија својата надеж во Него се ставени на тешки искушенија, чувствувајќи се како сираци, можеби дури и напуштени од Бога. Оваа сабота е ден и на Марија: и таа го живее во солзи, но нејзиното срце е полно со вера, полно со надеж, полно со љубов. Исусовата мајка го следи својот Син на крстниот пат и останала во подножјето на крстот, а нејзиното срце било прободено со болка. Но, кога изгледало дека сето тоа е завршено, таа бдее, гледа со исчекување, чувајќи ја надежта во Божјото ветување, кој воскреснува мртви. Така, во најтемниот час на светот, таа стана Мајка на верниците, Мајка на Црквата и знак на надеж. Нејзиното сведоштво и нејзиното застапништво не поддржуваат кога товарот на крстот станува претежок за секој од нас.
Во темнината на Велика Сабота, ќе се разнесе радоста и светлината преку обредите на Воскресното бдение и во доцните вечерни часови преку свечената песна Алилуја. Тоа ќе биде средба во вера со воскреснатиот Христос и воскресната радоста ќе трае сите педесет дена што следат, сè до слегувањето на Светиот Дух. Оној што беше распнат на крстот воскресна! Сите прашања и неизвесности, двоумења и стравови се распрснуваат со оваа објава. Воскреснатиот ни дава сигурност дека доброто секогаш триумфира над злото, дека животот секогаш триумфира над смртта и дека нашиот свршеток не е сè подлабоко тонење, од една во друга тага, туку воздигнување во висините. Воскресението е потврда дека Исус е во право во сè: ни ветува живот над смртта и прошка поголема од гревот. Учениците се сомневаа, не веруваа. Прва која поверува и виде беше Марија Магдалена, таа беше апостолка на воскресението кој отиде да каже дека го видела Исус, кој ја повика по име. А потоа сите ученици го видоа. Но, би сакал да се задржам на ова: стражарите, војниците, кои беа на гробот за да не им дозволат на учениците да дојдат и да го однесат телото, го видоа: го видоа жив и воскреснат. Непријателите го виделе, а потоа се претворале дека не го виделе. Зошто? Затоа што биле платени за тоа. Тука се крие вистинската тајна на она што Исус во една прилика го кажа: „Постојат двајца господари на светот, двајца, нема повеќе: двајца. Бог и парите. Кој им служи на парите е против Бога“. И тука парите ја сменија реалноста. Тие го видоа чудото на воскресението, но им беше платено за да молчат. Помислете само колку пати на христијаните, мажи и жени, им било платено да не го признаат Христовото воскресение на дело и не го правеле она што Христос бара да правиме како христијани.
Драги браќа и сестри, оваа година ќе го прославиме Велигден во услови на пандемија. Во многу ситуации на страдање, особено кога страдаат луѓе, семејства и населени веќе сериозно искушувани од сиромаштијата, неволјите или конфликтите, Христовиот крст е како светилник што покажува кон пристаништето со бродови, кои сè уште се на отворено море каде беснее бура. Крстот Христов е знак на надеж што не разочарува; и ни кажува дека во Божјиот план за спасение нема изгубени солзи, ниту липање. Го молиме Господ да ни ја даде благодатта да Му служиме и да Го препознаваме и да не дозволиме да го продадеме за пари.
Ватикан њуз/к.мк