Воскресението – темел на верата

Христовото воскресение е вистината на нашата вера во Христа како централно верување и живеење на првотната христијанска заедница, пренесена како темелно Предание, утврдена преку сведоштвото во Новиот Завет, проповедана како важен дел на Воскресното таинство заедно со крстот (ККЦ 638).

Воскресението Христово е највеличенственото дело и круна на историјата на спасението. За да го разбереме ова, потребно е Велигден да го славиме во полнината каде припаѓа. Тоа значи да се следи Божјата подготовка за тој настан, да сакаме со вера да се дофатиме до делото на тој настан и да се подготвиме за неговите последици.

Пасха

Многумина и денес за празникот Воскресение ќе го користат поимот Пасха. Арамејската Пасха (Pasha), еврејската Пасех (Paseh), значи скок, поминување или премин. Според 2 Книга Мојсеева (12,13) тоа е Божјо поминување преку израелските домови, кога египетските домови не ги поштеди. Контекстот на ова Божје поминување е поврзано со излегувањето на Израил од египетското ропство и почетокот на нивното патување кон Ветената земја. Споменот на тој настан, евреите го празнуват со почетокот на пролетната ранодневница, 14-от ден од месецот абиба (нисан). За време на пасхалните обреди евреите молат: „од ропство сме доведени во слобода, од жалост во радост, од мака во изобилство, од темнина во светлина, од ропство во откупение“. И Исус, како евреин, ја славеше оваа Пасха со учениците. Со таа вечера започна неговото Пасхално таинство. И во Стариот Завет, и со Исус Христос, зборуваме за одредено поминување, излез од ропство. Израилците се наоѓаа во ропство во Египет, додека пак сите луѓе се во ропство на гревот. Искуството на избраниот народ може да ни послужи како слика, модел за човекот кој е притиснат од гревот, кој не е свој господар, туку подложник на своите слабости, но во кој постои желба за слобода. Во славењето на Пасхата се споменува јагне од чија крв биле попрскани довратниците и надвратниците на куќите за да Ангелот Божји ги поштеди избраните кога ќе дојде да удри по египетските домови. На крвта од јагнето, уште тогаш, во старозаветнот време, му се придавала откупителна сила. За народот да ги зачува спомените на чудесните Божји дела, спомен кој вклучува благодарност и поука за новите генерации, ги славеа празниците како благословени моменти за ревизија на народниот и личниот живот во светло на Божјето ослободување. Јагнето кое го славеа евреите е слика на Јагнето Божје, како што Иван Крстител го нарече Исус. Поради тоа и во христијанското прославување на Воскресението се користат поимите Пасха и Јагне Божје. Тоа што во Стариот Завет е подготвено, со Исус Христос во полнина е исполнето, и тоа не само за еден народ, туку за сите луѓе. Додека старозаветната Пасха беше спомен на Божјите дела за ослободување на еврејскиот народ од египетското ропство, Христовата Пасха е премин од овој свет кон Отецот по маката, смртта и воскресението. Но овој премин со себе го повлекува и она што беше порано, и што ќе биде потоа. За подобро да ја разбереме оваа врска, ќе ни помогне Воскресното бдение. Тоа започнува со служба на светлото. Од темината во нашата црква се „пробива“ светлото на воскресната свеќа. Таа е како светлоносен факел кој го осветлува патот за излез од ропството – од египетското и од гревот. Во сјајот на воскресната свеќа се читаат и старозаветни читања како сеќавања на делата кои Бог ги направи на својот народ, од создавањето, преку Авраам, преминот преку Црвено море и победата над египјаните, до говорите за Мудроста Божја и новото срце што Бог го дава на својот народ. Сите споменати теми зборуват за излегувања, премини во своевидна новост, но таа новост е потполна во Исус Христос. Затоа поимот Пасха е врзан со Исусовото таинство. Ако еврејската Пасха беше ослободување на избраниот народ од египетското ропство, Христовата Пасха е спомен на вечното откупување.

Страсна седмица

Страсната седмица по својата природа не припаѓа ниту на Великиот пост, ниту на Велигден. Таа е дадена како посебно благословено време за оприсутнување на последните денови на Исус од Назарет. Започнува со неделата пред Воскресение, Цветна недела, Цветници и завршува со Великата сабота. Во себе ги содржи Велики четврток, кога Исус ја слави Еврејската Пасха, и во Големиот благослов, виното го претвара во своја крв, а лебот во свое тело. На тој начин се принесува како жртва и спасение за сите. Тоа принесување е светата Евхаристија. На Велики четврток, во доцните ноќни часови, Исус е предаден од страна на својот ученик Јуда Искариотски во Гетсеманската градина. Црквата на Велики четврток ја антиципира маката Христова и на верниците им ја пренесува преку читања на 12-те Евангелија за страдањата, кои преку Светиот Дух ги оживуваат случувањата. Велики петок, е денот кога Исус е испрашуван од страна на еврејскиот првосвештеник и целиот Синедрион, и каде тие наоѓат вина дека е виновен за богохулство и затоа треба да умре. Предаден е на Понтиј Пилат, кој наредува да бид камишикуван, а потоа го осудува на смрт со распнување на крст. Исус од Назарет умира на крстот околу 15 часот. Погребен е во близина на местото каде е распнат. Црквата Христова, го оплакува Исусовото умирање на крстот со Ерусалимска надгробна. Потоа следува мистеријата, таинството на Велика сабота. Неговата мајка, учениците и некои набожни жени, убедени се дека Исус е мртов, дека е во гробот. Сите сме растажени, уплашени… што ќе биде?… Таинството на Велика сабота се состои во тоа што Исус во саботата слезе во пеколот за да ја уништи смртта. Смртта со смрт е победена. Гревот повеќе нема власт. Третиот ден, Велигден, неделата, е доказ за тоа.

Воскресно време

Со обѕир дека Пасхата е премин, така и Воскресното време е поим, кој вклучува повеќе од самото Воскресение, Велигден. Воскресното време, во поширока смисла ја опфаќа смртта, воскресението па се до вознесението на Господ Исус Христос. Значи во Воскресното време влегува Велигден, кој се слави три дена, Велигденското време, првата седмица по Велигден, која уште се нарекува и Светла седмица, па се до Вознесението Господово, четириесетиот ден од Велигден, кој во народот е познат и како Спасовден. Од Вознесение Господово до Педесетница е време на исчекување на Светиот Дух.

Велигден

Зборот Велигден има конкретно значење, и е ограничен на еден настан, за разлика од Воскресното време. Велиден претставуав еден настан во контекстот на Воскресното таинство, Исусовиот премин од смрт во живот. Воскресението како чин кој го вклучува воскреснувањето, никој не го видел. Но го зачувало Преданието, што веќе во 56 година после Христа во Првото Послание до Коринтјаните го посведочува апостол Павле: „ Ви го предадов најнапред она што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата; дека Тој беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата, и дека му се јави на Кифа и потоа на Дванаесетте“. Врз која основа можеме да зборуваме за воскресение, ако тој настан никој не го видел? Првиот „доказ“ е празниот гроб, и како таков само на него не можеме да се потпреме. Ова може да поттикне истраги, истражувања, сеќавања на Исусовите зборови, а пред се најава на овој настан. Посилни „докази“ од празниот гроб се средбите со Воскреснатиот. Господ Исус Христос најпрво се покажа на жените, а тие таа вест ја донесоа на апостолите. После тоа и тие постанаа учесници на средбите со Воскреснатиот Исус, и преносители на тоа искуство. Не било лесно да се прифати сведоштвото на апостолите за живиот Исус после неговата смрт на крстот. Меѓутоа, Црквата во писмата кои ги зачувала до нашите денови, не ги „фризираше“ искушенијата кои ги имаа апостолите со верувањето во Христовото воскресение. Според Катехезмот на Католичката Црква (643) „спротивно на тоа, да ни покажат заедница зафатена со мистичен занес, Евангелијата ни ги прикажуват учениците потиштени и престрашени, зашто не поверуваа на побожните жени кои се вратиле од гробот… Дури и пред стварноста на Воскреснатиот Исус, учениците се уште се соменваат, тоа толку им изгледа неможно: тие мислат дека гледат дух… Без основа е хипотезата дека Воскресението било „производ“ на верата (или лековерноста) на апостолите. Токму напротив, нивната вера во Воскресението – по делувањето на милоста Божја – се родила директно од реалното искуство со Исус“. Воскреснатиот Исус е вистински, не е духовно, туку и телесно битие, со раните и белезите од раните, но „преобразено“ по својствата кои го ослободуват од земскиот живот. Самиот чин на ослободување на телото од земјата, останува наша најдлабока тајна на верата која и нам ни ја отвара вратата на небескиот живот кој нè чека во прославениот Христос.

Превод: И.П.

 

Категорија: духовнитекстови

За авторот

Write a Comment

<