Во недела, 21 јуни 2026 година, во дворот на црквата „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица се одржа годишната молитвена средба во чест на Пресвета Богородица, насловена „Вечер со Богородица“.
Настанот се одржа со благослов на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, а во организација на парохијата „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица и Радио Марија Македонија. Оваа молитвена средба се организира шеста година по ред.
На почетокот присутните ги поздрави парохот, о. Гоце Костов, кој ги пренесе и поздравите на бискупот Стојанов, а на средбата присуствуваа и отец Трајче Ташев и ѓаконот Спасе Спасов.
Во молитвената програма беа вклучени верници од парохијата, жените молителки во Радио Марија, одборници, деца, млади, жени и мажи од парохиската заедница. Десетките од Бројаницата ги молеа верници од различни групи во парохијата, делови од Светото Писмо читаа верници и волонтери на Радио Марија, најавите за десетките ги читаа деца од парохијата, а молитвените накани ги предводеше парохот отец Гоце Костов.
Посебен дел од вечерта беше сведоштвото на Силвана, која пред присутните сподели дел од својот животен пат и искуството на соочување со тешка болест. Таа посведочи дека во моментите на страв, неизвесност и слабост најсилно ја почувствувала Божјата близина, а Црквата, светата Литургија и молитвата ѝ станале прибежиште, утеха и извор на надеж. Во своето сведоштво истакна дека човекот не секогаш може да ги избере искушенијата што ќе го снајдат, но со вера и доверба во Бога може да избере како ќе се соочи со нив.
„Вечер со Богородица“ беше можност верниците заедно да упат молитви до Пресвета Богородица, доверувајќи ги своите накани на нејзиното мајчинско застапништво.
Молитвената средба заврши со заедништво во дворот на црквата.
к.мк

