На 24. декември 2016 година во катедралата Пресвето Срце Исусово, свечената полноќна евхаристија ја предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов.
Покрај бискупот Стојанов сослужуваа скопскиот жупник дон Давор Топиќ, директорот на Македонски Каритас монс. Антун Циримотиќ, бискупискиот канцелар о. Марјан Ристов, деканот во Апостолскиот егзархат о. Зоран Стојанов и парохискиот викар дон Јошт Мезег.
Во преполнетата катедрала покрај верниците присутни беа председател на Р. Македонија Ѓорге Иванов, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска, претставници на Македонска Православна Црква, како и претставници на дипломатскиот кор и на културниот живот.
Во пригодната хомилија бискупот Стојанов рече: „Да обрнеме внимание на начинот на кој доаѓа, без каква и да е триумфалност, иако столетија го навестуваа и чекаа. Тој дојде таинствено, на начин како бегалец или раселено лице, прогнаник, што како сиромав и бездомник чука на вратата на Витлиемските жители, но тие не го примаат. Принуден е надвор од градот да ја види светлината на овој свет и тоа во штала. Што ни порачува тоа? Бог доаѓа како што рековме да создава нов човек во Исус Христос. Тој започнува нов земски живот со радикални промени на вредностите што во текот на историјата стотина пати се извртени, трансформирани и неавтентични. Започна живот на човек на начин што го допира најнискиот слој на човечкото општество, а тоа е сиромав меѓу сиромасите, бездомник и странец меѓу своите. Со самиот чин на раѓање надвор од градот во штала, носи јасна порака за тоа на што сè би требало човек да биде чувствителен и во ова наше време, во оваа култура и цивилизација. Денес, кога несразмерно расте бројот на сиромашните, раселените и бездомниците а сè поголем е расчекорот со малиот број на арогантно богатите и моќни, нашиот поглед не упатува во насока во која христијанинот би можел да го препознае својот Бог кој стана човек.„
„Би сакал вечерва, драги браќа и сестри, да бидеме дословно праведни луѓе. Тоа значи, да бидеме тие кои не се мамат ни самите себе а уште помалку оние околу себе. Кога би се препознаеле сите како оние кои треба да паднат на колена пред тој голем Божји дар – раѓањето на Спасителот и да почувствуваме потреба со срце и со совест да го примиме и да го прифатиме како оној кој нас ќе не збогати за да бидеме подобри луѓе. Кој не знае да падне на колена и да ја отвори вратата на своето срце и по можност да може да биде подобар, да може да биде посовршен, да може да расте во добро, тој повеќе не е жив туку мртов човек кој своето срце и својата совест ја претворил во мермерен споменик. Ако, ова размислување кое најнапред би требало да биде размислување за секој поединец го подигнеме на ниво на семејството и си го поставиме истото прашање: Дали Исус во своето сиромаштво и својата скромност е посакуван и прифатлив гостин како наш Спасител за нашите семејни проблеми, раздори, недоразбирања и немири и како Кнез на мирот да не спаси и откупи? Ако го подигнеме на ниво на општеството: дали нашата општествена заедница почнувајќи од највисокиот Орган во Државата па се до секое одговорно лице во општеството може да признае и да препознае дека треба да бидат подобри, дека секој може да биде подобар и дека може да се препознае и во сиромашните и во луѓето на работ на нивната егзистенција, тогаш Божик на овој или оној начин ќе се случи во тебе, во мене, во нашите семејства и во нашето општество.„
За свечената евхаристија со својето пеење допринесе катедралниот хор под диригентство на с. Татјана Атаносова, а за литургиското славење свој допринос дадоа и парохиските министранти.
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк