Од проповедта на Папата: Во секојдневието на Црквата има многу сокриени светци кои ни даваат надеж

Има многу сокриени светци – мажи, жени, татковци и мајки во семејствата, болни, свештеници кои деновите ги поминуваат со Исусовата љубов на дело, а тоа дава надеж – рече папата Фрањо на светатаЛитургија на 4 декември во домот Света Марта.

Вистински христијанин е оној кој на дело го спроведува Божјото Слово; не е доволно да се каже дека се има вера. Коментирајќи го евангелскиот дел за куќата изградена на камен или на песок, Папата повика да не бидеме „христијани на изглед“, чие „обоено лице“ исчезнува штом падне малку дожд.

Не е доволно да потекнуваме од католичко семејство, да бидеме член на организација или да сме добротвори, ако потоа не се следи Божјата волја. Бројни христијани на изглед паѓаат пред првите искушенија, бидејќи граделе на песок. Спротивно на нив се бројните светци, не е неопходно да се канонизирани, но сеедно се свети луѓе во Божјиот народ кои граделе на камен, на Христос – објасни Папата.

„Да помислиме на најмалите, на болните кои своите страдања ги прикажуваат за Црквата, за другите. Да помислиме на многу осамени стари лица… Да помислиме на многу мајки и татковци кои со многу напор за подигање на своите семејства (…) секогаш се со надежта во Исус“, рече Светиот Отец, нарекувајќи ги таквите луѓе „светци на секојдневието“.

„Да помислиме на многу свештеници кои не се гледаат, но кои работат со толку љубов во своите парохии: катехезираат деца, се грижат за стари, болни, подготвуваат свршеници за брак… И секој ден исто и исто… Не им досадува бидејќи се засновани на камен. А Исус е Тој Кој на Црквата и дава светост, Тој Кој дава надеж!“ – рече папата Фрањо и продолжи:

Треба да мислиме и на „сокриената светост во Црквата“ – христијани, грешници како и сите ние, кои остануваат во Исус. Понекогаш некои од нив прават и тежок грев, но се каат, бараат прошка и тоа е големина: способност да се бара простување, нема забуна на гревот со крепоста, добро се знае каде е крепоста, а каде е гревот. Таквите се засновани на камен, а каменот е Христос.“

„Горделиви, залудни, христијани на изглед“, нагласи Папата „ќе бидат соборени, понижени,“ додека победници ќе бидат „бедните по дух, оние кои пред Бог се држат ништовни; понизни,“ кои „го носат спасението така што во дело го спроведуват Господовото Слово“. „Денес нè има многу, утре нема да бидат“, го цитираше Папата свети Бернард: „Помисли човеку што ќе биди од тебе: храна за црвците“. „Сите ќе нè изедат црвците. Ако го немавме тој камен, ќе бевме погазени.“

„Во време на подготовка за Божиќ, да Го молиме Господ да бидеме цврсто засновани на каменот“, на самиот Господ, нашата надеж. „Сите сме грешници, слаби, но ако ја ставиме надежта во Него, можеме да одиме напред. А тоа е христијанската радост: да знаеме дека во Господ е надежта, простувањето, мирот и радоста. Да не ја ставаме својата надеж во работите кои денес ги има, а утре ги нема“ – поттикна на крајот Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот