Домородните народи и бабите се скапоцени богатства на Црквата

Домородните народи и бабите се скапоцени богатства на Црквата

По светата Литургија во Едмонтон на празникот на светите Јоаким и Ана, папата Фрањо ја предводеше службата на Словото кај езерото Света Ана – едно од најзначајните места за домородните народи во Северна Америка. Во својата проповед Папата истакна дека домородните народи, бабите и дедовците се скапоцено богатство на Црквата.

Илјадници ходочасници го пречекаа папата Фрањо, кој попладне по локално време, се приклучи на нивното годишно ходочастие кај езерото Света Ана. Првите нации го нарекува езерото Света Ана „Божјото езеро“ (Вакамне), додека луѓето од Кри го нарекуваат „Езеро на духот“ поради лековитите својства на водата и нејзиното духовно значење – за католиците и домородните народи. Езерото го добило името по бабата на Исус – Света Ана.

Враќање на изворите

Папата Фрањо ја благослови водата на езерото и присутните верници и потоа ја предводеше Литургијата на Словото. Својата проповед Светиот Отец ја започна споредувајќи ги тапаните со „чукањето на срцето“ на многу ходочасници кои со генерации чекореле заедно за да стигнат до тоа „Божјо езеро“, барајќи исцеление во неговите води. Тој истакна како тивкото набљудување на овие води – во кои може да се почувствува „чукањето на мајчиното срце на земјата“ – поттикнува враќање кон изворите на животот и верата. „Навистина – рече тој – тоа ни овозможува, со дух, да ги посетиме светите места, да го замислиме Исус, кој голем дел од својата служба ја помина на брегот на езерото: Галилејското Море“.

Братство во различностите

Бог го избра богато разновидниот контекст на таа периферна област каде што се собраа различни народи, за да му ја објави на светот својата „револуционерна“ порака за братство. Таа порака, рече Папата, одекнува и денес во звукот на тапаните кој се протега низ вековите и обединува различни народи. „Тоа нè потсетува дека братството е вистинито ако ги обединува оние што се далеку, дека пораката за единство што небото ја испраќа на земјата не се плаши од различностите, туку нè повикува на единство, за да можеме да почнеме одново заедно, затоа што сите сме ходочасници на патот“.

Жива вода на верата

Фокусирајќи се на литургиските читања од Книгата на пророкот Езекиел (47, 1-2, 8-9, 12), папата Фрањо уште еднаш ја нагласи клучната улога на бабите, особено во домородните заедници, во пренесувањето на „живата вода на вера“. Верата, како што рече, ретко доаѓа од читање книги во некое осамено ќоше, туку се шири во семејството – „се пренесува на јазикот на мајките, на прекрасните лирски акценти на бабите“. Заблагодарувајќи им се за нивната важна улога, тој го повтори повикот до семејствата да ги негуваат и да се грижат за своите постари.

„Би сакал да им порачам на сите оние семејства со стари лица дома: имате богатство! Чувајте го тој извор на живот во вашите домови: грижете се за него, како скапоцено наследство што треба да се сака и негува“.

Водата лекува

Светиот Отец потоа се фокусираше на лековитите својства на водата во контекст на раните што ги претрпеа домородните народи на Канада по европската колонизација. Потсетувајќи на Исусовото делување на брегот на Галилејското Море, Светиот Отец се помоли на Господ да помогне да ги залечи тие длабоки рани преку застапништво на Марија и Света Ана.

„На ова благословено место, каде владее хармонија и мир, Ти ја претставуваме нескладноста на нашите искуства, ужасните последици од колонизацијата, неизбришливата болка на толку многу семејства, дедовци и деца.

Мајките и бабите помагаат во заздравувањето на раните

Папата повторно ја истакна улогата на мајките и бабите во домородните заедници – овој пат во помагањето за заздравување на раните. Тој особено се осврна на ликот на бабата на Исус, кој мисионерите им го претставија на домородните народи.

Потсети дека дел од „болното наследство“ на европската колонизација „потекнува од фактот што домородните баби биле спречени да ја пренесат верата на својот јазик и култура“. „Таа загуба – рече Папата – беше секако трагична, но вашето присуство овде е сведоштво за издржливост и нов почеток, ходочастие за исцелување, срце отворено за Бога, кој го лекува животот на заедниците“.

Целата Црква има потреба од исцелување

Папата Фрањо потоа истакна дека денес „целата Црква има потреба од исцелување“ и ги покани ходочасниците да придонесат во изградбата на „Мајката црква“ способна „да ги прегрне сите нејзини синови и ќерки“, која е „отворена за секого и разговара со сите “, и “ги исполнува сите”. Тој понатаму нагласи дека „ако сакаме да се грижиме и да ги лекуваме животите на нашите заедници, мора да почнеме од сиромашните и најмаргинализираните“. Меѓу нив, Папата ги вклучи и постарите лица кои се изложени на ризик да умрат сами, како и младите, за кои рече дека повеќе се испрашуваат отколку што се слушаат.

Посочувајќи дека Исус нè повикува на „излегување, давање, љубов“, ги повика сите верници да се запрашаат што можат да направат за оние кои имаат потреба, а особено за домородните народи кои толку многу страдале.

„Понекогаш, добар начин да им помогнете на другите не е веднаш да им го дадете она што го бараат, туку да ги придружувате, поканувајќи ги да љубат и да се даруваат. На овој начин, преку доброто што можат да им го направат на другите, тие ќе ги откријат сопствените потоци на жива вода, единственото и скапоцено богатство што тие навистина се“.

Домородните народи се богатство

На крајот, Папата изрази надеж дека Црквата може да придонесе за процесот на исцелување на домородните народи, повторувајќи колку тие се скапоцени за него и за Црквата.

„Господ нека ни помогне да одиме напред во процесот на исцелување, кон сè поздрава и обновена иднина. Верувам дека тоа е желба и на вашите баби и дедовци. На нашиот пат нека нè благословат дедото и бабата на Исус, свети Јоаким и Ана“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот