Во Куманово промовирана монографијата „25 години епископство на монсињор Киро Стојанов“

Во Куманово промовирана монографијата „25 години епископство на монсињор Киро Стојанов“

Во среда 5 ноември 2025 година во Занаетчискиот дом во Куманово се одржа промоција на монографијата „25 години епископство на монсињор Киро Стојанов“, а во организација на Католичката црква во Куманово, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и со поддршка на Фондацијата за култура и спорт – Куманово.

На настанот присуствуваа Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, директорката на комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) Оливера Трајковска, претседателката на советот на општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска, претставници на МПЦ-ОА, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница, амбасадори и лица од јавниот и општествен живот.

Градоначалникот Максим Димитриевски го отвори настанот, истакнувајќи ја важноста и улогата на верските заедници, во општествениот систем на земјава.

Потоа следуваше панел дискусија на тема „Христијанските вредности – мост меѓу традицијата и современото живеење”, која ја модерираше Огнен Коцевски, а зборуваа Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, директорката на КОВЗРГ Оливера Трајковска, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов и протојереј отец Гоце Костов.

На панел дискусијата епископот Стојанов рече дека многумина мислат како традицијата и модерното живеење се спротивставени, но додаде дека токму христијанските вредности покажуваат дека меѓу нив постои поврзаност. Епископот подвлече дека без Евангелието, без семејството, без поимањето дека човекот е Божјо создание, не би постоела Европа што ја познаваме денес. Целиот тој културен и морален темел врз кој почива нашата цивилизација, хуманизмот, уметноста, правото на образование, почитувањето на човечкото достоинство итн., произлегува токму од христијанската мисла. И затоа денес, кога некои сакаат да ја одделат верата од јавниот живот, забораваат дека токму христијанските вредности ја обликува нашата цивилизација.

Истото важи и за Македонија, рече епископот, чии духовни корени се втемелени во апостолот Павле, светите браќа Кирил и Методиј, и во делото на Климент и Наум. Ако ги заборавиме тие корени, ќе го изгубиме својот идентитет и духовен темел.

Во продолжение рече: Современото општество има потреба од вредности кои ќе даваат насока, а христијанските вредности се токму тоа кои му се потребни на ова општество. Тие не се минато, напротив секогаш се актуелни затоа што се дел од природата на човекот. Ако христијанските идеали, како што се љубовта, милосрдието, простувањето, надежта се применат во секојдневието, во семејството, во работата, во односот кон ближниот и природата, тогаш верата станува современа.

Епископот Стојанов истакна дека христијанството не се плаши од новото време и предизвиците кои ги носи. Напротив, секогаш бара начин да го освети своето, новото време. Затоа, Европа и Македонија мора да се вратат на своите корени. Само оној што знае од каде доаѓа, знае и каде оди. Христијанските вредности не се кочница за напредокот, како што некои милуваат да кажат. Тие се коректив на општеството, мост помеѓу традицијата и современото живеење.

Во врска со искуството за неговата епископска служба монсињор Стојанов ја истакна тројната улога на епископот, истовремено давајќи ја сликата за пастирот, која често ја користеше папата Фрањо за тоа каков треба да биде. Имено пастирот оди пред стадото, меѓу стадото и зад стадото, истакнувајќи дека епископот оди напред, како чувар на верата, за да го покаже патот по кој треба да се оди, меѓу стадото за да го познава своето стадо, неговите потреби, за да може соодветно и да му помогне, како и одзади стадото за да ги врати во стадото оние кои се отстраниле, кои забегале од заедништвото, да им помогне на изнемоштените да се приклучат.

Директорката на КОВЗРГ Оливера Трајковска зборуваше за нејзиното искуство од средбите со монсињор Стојанов, како и за улогата на Комисијата во градењето на мирот во општеството.

На крајот од промоцијата епископот Стојанов упати благодарствен збор.

Музичките точки на промоцијата беа во изведба на Марија Ѓеоргиевска-Ристевска, Филип Костов и Дарко Тодоровски.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот