Велигденска проповед на бискупот Киро Стојанов во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје

 Христијанството во светлината на Христовото воскресение

Драги браќа и сестри!

Го празнуваме таинството кое не исполнува со неизмерна радост. Го празнуваме празникот на Христовото Воскресение. Во оваа света ноќ, која е посветла од секој друг ден, Црквата се собира да го прослави таинството на спасението, Божјото дело кое го надминува секое очекување на секое создание. Изобилството на Божјото слово кое го слушаме оваа ноќ, пред нашите очи се најсветлите текстови на историјата на спасението. Најнапред чинот на создавањето на Божјиот народ – стариот Израел – а потоа создавањето на новиот Божји народ – Црквата. Во оваа размислување се определив за две темелни пораки кои се темелат на штотуку прочитаниот текст од св. апостол Павле до Римјаните и извештајот од св. Евангелие запишано од св. евангелист Матеја.

Апостол Павле не води во сржта, во суштината на христијанското постоење. Низ тоа размислување Тој го дефинира почетокот на нашето создавање и нашето послание. Христос ни стана еднаков во сè освен во гревот. А да не ослободи од гревот и се предаде на смртта и со смртта го уништи гревот за да со воскресението – како нов Адам – одново создаде човек. Новото создавање претпоставува своевидно претходно уништување. Старото мора да исчезне за новото да може да се создаде. Суштината на христијанството е промена на човекот. Немојте да се чудите ако кажам да ја смени неговата природа. Имено, стариот човек, оптоварен со гревот – а гревот разорува – мора да биде отстранет. Не може човек да постои во полно човечко достоинство оптоварен со раздорот на гревот кое го валка и оневозможува секој однос кон Бога, ближниот и кон него самиот. Гревот е реалност кој е разорна присутност на злото во човекот кој од таа реалност самиот е разурнувач и го ниже злото, едно по друго. А злото може и треба да се прекине само доколку човекот се промени. Сите ние сме свесни дека тоа не можеме да го постигнеме со сопствената волја. Христос од своето прободено ребро на крстот воспостави средство за човечката преродба во нов живот. Крвта и водата се почетоци на св. тајни Крштение и Евхаристија.

Христијанин се станува со крштевањето, но, крштевањето не е обред туку настан, создавање на новиот човек. Со крштевањето се погребува стариот човек, а се раѓа нов, облечен во Христовата слава. Борбата против гревот ни малку не е лесна, таа е наш пат: да бидеме слични на Христовата смрт. И така „израснати според сличноста на неговата смрт ќе бидеме слични на Неговото воскресение“. Значи, Христос не прави нови. Но, тоа не може без нас, без наша подготвеност за такво нешто. Во својата борба против гревот мораме да се дадеме, да бидеме „распнати“ и сè што е зло во нас  да може да го направиме тоа што човекот го прави ново суштество. Од гревот не оправдува Христовата смрт и воскресение. Но, слични на Христос не прави нашето настојување и тоа во сè за да му бидеме слични Нему како што вели апостолот: „сметајте се мртви во гревот, а живи во Бога преку Исус Христос!

Браќа и сестри, тешко е да се биде христијанин. Христијанството не е збир на убава наука, туку е пат за исправен начин на живеење. Така и Црквата не е организација на добро воспоставено општество, туку е жив организам, пример за здрав начин на живеење на духовните, моралните и општествените квалитети. Црквата не смее и нема да се откаже од својата улога на овој свет како заедница на оние кои веруваат дека со таинството на св. тајни навистина се оправдани според   Христос, оспособени и испратени таа вистина да ја говорат но и уште повеќе да ја покажат на дело. Оправданиот од гревот има право во сите закони на љубовта да се бори против злото во себе и околу себе. Црквата и денес на овој празник се чисти во обновувањето на крстните ветувања кои сега во продолжение следат, за повторно и повторно да се откаже од злото, од гревот и ѓаволот и да го прифати  темелното послание: навестување на спасението.

Во Евангелието евангелист Матеја ни донесува чудесна средба на три побожни жени на Исусовиот гроб. Тие се верни ама го бараат живиот меѓу мртвите. Први сведоци се на воскресението што го надминува предочувањето за животот и смртта. Починатиот да оживее можеби и не е толку неверојатно. Но истиот да биде нов човек со физички квалитети што излегуваат од законитоста на нашата физика, во такво нешто е многу тешко да се верува. Што им помогна на тие жени сепак, со вера да го прифатат она што е неприфатливо за разумот. Одговорот е јасен: љубовта. Тие жени го следеа Исуса и кога беше славен и прославуван, ама и кога беше распнат и погребан. Љубовта ги донесе на гробот. Љубовта е темелно послание на христијанското сведоштво. Оној кој не знае да биде вљубен во Христос, тој не може да биде сведок на Неговото воскресение. Неверојатно е, но важно е да се воочи дека сведоци на Исусовото воскресение се жените. Тие се испратени кај апостолите да ги упатат на пат за Галилеја каде и тие ќе го сретнат.

Во тие три жени Црквата го гледа и своето послание. Браќа и сестри, никогаш како Црква да не се плашиме да признаеме дека сме кревки и слаби луѓе. Никогаш да не се плашиме од својата маленкост и кревкост. Никогаш да не се плашиме од своите „мали“ улоги. Она од што како членови на Црквата треба силно да се плашиме е фактот дека жарот на љубовта што е запален и вечерва на оваа воскресна свеќа, животните бури никогаш да не го изгаснат. Христијанинот смее да биде слаб но никогаш не смее да биде предавник на љубовта. Тоа значи никогаш да не се затаи дека Бог љуби, дека Бог проштева и трајно чека во Татковската прегратка и дарува со нови сили да се сведочи дека човештвото никогаш не е отфрлено од Бога туку од Бога е љубено. И нашата заедница овде во Македонија но и било каде да живее да ги сведочи „Галилејските патишта“ на  кои Исус може да се сретне. Ако Црквата, односно ние се посомневаме во тоа, тогаш стануваме само една обична религиска заедница, без живот и живеење, и тогаш сме споменици на културата а не жива заедница која има задача и денес и овде да биде светлина, сол, пат, вистина, живот. Оној кој денес го слави Велигден тој е подготвен да го соблече стариот човек и да се облече во Христос воскреснатиот и да отиде да биде сведок дека Христос е жив и  присутен во нас и меѓу нас.

Честит празник воскресение Христово – Христос Воскресе!

Категорија: Македонија

За авторот