Во борбата против трговијата со луѓе, застапете се за одговорно користење на технологијата и социјалните мрежи
Обраќајќи им се на учесниците на меѓународната конференција Santa Marta Group за борба против современите форми на ропство, папата Фрањо изрази надеж за обновена етичка визија за политичкиот, економскиот и социјалниот живот, фокусирана на луѓето, а не на профитот. Тој ја повтори важноста за поддршка на жртвите, кои премногу често се заборавени и безгласни.
Конференцијата започна на 17 мај и траеше до 19 мај 2022 година, во Папската академија за општествени науки. Santa Marta Group е основана во 2014 година и обединува различни лидери на полициски служби, како и владини, граѓански и верски организации кои споделуваат вештини, искуства и добри практики со цел да се спречи и да се бори против трговијата со луѓе и современите форми на ропство.
Во своето обраќање на 19 мај 2022 година Папата ја повтори важноста да продолжи помошта на жртвите во процесот на заздравување и враќање на самопочитта.
Обновена етичка визија
Комплексните механизми на трговија со луѓе се криминална активност, рече Папата, феномен што е чума, што го нарушува достоинството и правата на мажите и жените и остава долгорочни последици врз поедини жртви и општеството во целина. Папата им се заблагодари на оние кои се посветуваат да ја искоренат. Тој потсети дека во годините од своето основање, Santa Marta Group е посветена на промовирање на поголмо сфаќање за обемот и природата на трговијата со луѓе, зајакнување на соработката на меѓународно, национално и локално ниво за да се најдат ефективни начини за справување со проблемот. Светиот Отец изрази надеж дека настраданите ќе ја добијат потребната грижа, телесна и духовна.
За жал, модерните форми на ропство продолжуваат да се шират, дури и во најразвиените области во светот. Се надевам дека борбата против трговијата со луѓе, исто така, ќе земе повеќе предвид низа пошироки реалности, како што се одговорното користење на технологијата и социјалните медиуми и потребата за обновена етичка визија за политички, економски и социјален живот, кој ќе биде фокусиран на луѓето, а не на профитот – рече Папата.
Премногу често се забораваат жртвите на трговија со луѓе
Постои суштинска потреба, нагласи Папата, да се поддржат, следат и реинтегрираат жртвите на трговија со луѓе во нашите заедници и да им се помогне во процесот на заздравување и враќање на самопочитта. Тоа е навистина тешка задача, признава Светиот Отец и затоа поттикна да се издржи при поддршката на достоинството што Бог му го дал на секој човек и во одбраната на основните човекови права. Тој додаде дека жртвите на трговија со луѓе премногу често се заборавени и немаат глас.
Црквата е секогаш благодарна за секое изразување на братска милост и грижа за сите кои биле поробени и експлоатирани, бидејќи на тој начин Божјата милост станува видлива и се зајакнува и обновува ткивото на општеството. Уште еднаш изразувам благодарност за вашата посветеност и соработка во оваа важна област, рече папата Фрањо.
Активности на Santa Marta Group
Да додадеме дека Santa Marta Group е присутна во триесетина земји – таа не се стреми да наметне единствено решение за овој комплексен и меѓународен проблем, туку се обидува да идентификува, поттикне и иницира дејствување. Целта на оваа меѓународна конференција беше да се соберат одговорните за пренасочување и рестартирање на активностите со оглед на влошената ситуација во светот предизвикана од подеднакво континуирани конфликти и нестабилност во многу региони.
Ватикан њуз/к.мк