Верноста на ветувањата е вистинско ремек-дело на човештвото

Откако на минатата катехеза Светиот Отец зборуваше за важноста на ветувањата кои родителите ги даваат на децата, на Генералната аудиенција на 21 октомври ја истакна важноста и убавината на верноста на ветувањата.

Целата семејна реалност е заснована на ветување: може да се каже дека семејството живее од ветувањето на љубов и верност на мажот и жената. Верноста на ветувањата е вистинско ремек-дело на човештвото! – нагласи Папата.

Ветувањето на брачна верност вклучува посветеност за прифаќање и воспитување на децата, но се остварува и во грижата за старите родители, во заштитата и грижата за најслабите членови на семејството, во меѓусебното помагање за да се остварат сопствените квалитети и да се прифатат сопствените граници, како и во великодушната отвореност за човечкото општество и општото добро. Семејството кое се затвора во самото себе е како противречност, тоа е – како што се изрази Папата – умртвување на ветувањата кои семејството ги создало и од кое живее.

Изгледа дека верноста на семејното ветување во нашето време многу ослабела: од една страна затоа што погрешно е сфатено правото на барање на сопственото задоволство – и тоа по секоја цена и во секој однос – се слави како неповредливо начело на слободата. Од друга страна затоа што животните врски и залагања за општото добро се предаваат исклучиво на законските креации. Но, како што рече Светиот Отец – никој не сака да биде сакан само заради добрата кои што ги има или заради обврските. Љубовта како и пријателството имаат своја сила и убавина токму затоа што создаваат една врска, а не ја одземаат слободата. Без слободата нема пријателство, љубов или брак.

Заради тоа слободата и верноста не се спротивставуваат, туку меѓусебно се поддржуваат – нагласи Папата потсетувајќи на штетата која во општеството ја предизвикува „инфлацијата на неисполнетите ветувања“ и „попустливоста кон неверноста на ветувањата и преземаните обврски“. Верноста – според зборовите на папата Фрањо – расте во слободната послушност на даденото ветување; таа е доверба која „сака“ навистина да се подели и надежта која „сака“ заедно да се негуваат.

Папата потсети на старите луѓе кои понекогаш велат: „Во тие времиња кога се склучуваше договор беше доволно ракување затоа што се држало до верноста на ветувањата!“ Во тоа е и потеклото на семејството: во склопените раце на мажот и жената за да одат заедно напред за цел живот – рече папата Фрањо.

Верноста ја истакна како „ремек-дело“ пред чија убавина се восхитуваме. Папата истакна дека ниту еден однос на љубовта не достигнува до висините на нашите желби и надеж ако во него не престојува верноста која ја нарече „чудо на душата“. Верноста не може да се купи или продаде, не може да се наметне со сила, но ниту да се сочува без жртва – кажа Светиот Отец.

Ниту едно друго училиште не може да ја пренесе вистината за љубовта, ако тоа не го направи семејството. Ниту еден закон не може да ја наметне убавината и наследството на тоа богатство на човечкото достоинство ако во нашите тела не ја запише личната врска помеѓу љубовта и раѓањето на деца, рече Папата.

Потребно е да се обнови вредноста на верноста во општеството. Треба да се извлече од анонимност секојдневното чудо на милиони мажи и жени кои го обновуваат семејниот темел на општеството, од кое што општеството живее и кое што на никој друг начин не може да се загарнтира. Не е случајност што начелото на верноста на љубовта и раѓањето е запишано во создаденото како траен благослов кој е доверен на светот – истакна Папата.

Ако свети Павле може да каже дека во семејната врска на таинствен начин е откриена вистината и за сојузот на Господ и Црквата, тогаш тоа значи дека самата Црква во него наоѓа благослов кој треба да го чува и од кој секогаш треба да учи пред да почне да го научува и дисциплинира – рече Папата.

Семејната љубов во добро и во зло е нешто на што Црквата се гордее! Нека Бог им даде на семејствата верност на нивните ветувања. Да молиме и за синодските оци: Господ да ја благослови нивната работа која ја вршат во креативна верност во довербата дека Господ е прв верен на своите ветувања – нагласи Светиот Отец на крајот на катехезата. По поздравот на различни јазици, Папата потсети на утрешниот литургиски спомен на свети Иван Павле II чиј пример го препорача на младите и болните, а новите брачни парови ги препорача на неговото застапништво.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот