Верниците од парохијата „Раѓање на свети Иван Крстител“ се придружија на молитвената иницијатива Милион деца молат за мир

Верниците од парохијата „Раѓање на свети Иван Крстител“ се придружија на молитвената иницијатива Милион деца молат за мир

Светата Бројаница ја предводеа деца и млади од парохијата, со што парохиската заедница се вклучи и во светската иницијатива „Милион деца молат Бројаница“.

Верниците од парохијата „Раѓање на свети Иван Крстител“ – Струмица се придружија на молитвениот повик за мир на папата Лав XIV, како и на меѓународната иницијатива „Милион деца молат Бројаница“, која ја поттикнува папската фондација „Помош на Црквата во потреба“. Светата Бројаница ја предводеа деца и млади од парохијата, кои заедно со останатите верници се молеа за престанок на војните, помирување меѓу народите и мир во светот.

Со оваа молитва, парохиската заедница се соедини со верници од различни делови на светот кои во овој период на посебен начин молат Бројаницата за мир.

Во текот на целиот месец октомври, кој е посветен на Богородица, во парохиската црква секој ден во 17.30 часот се моли Света Бројаница, додека во неделите Бројаницата се моли во 8.30 часот.

Секој ден молитвата се принесува за посебна накана. Меѓу нив се молитвите за мир во светот, за Светиот Отец, епископот и свештенството, за нови духовни звања, за семејствата, болните и осамените, за оние што ја изгубиле верата или се оддалечиле од Црквата, за единството на христијаните, како и за мајките што очекуваат дете и за семејствата што посакуваат потомство.

Повикот на папата Лав XIV за молитва на Бројаницата во месец октомври ја нагласува потребата христијаните да одговорат на војните и поделбите со молитва.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот