Претседателот на Собранието Јован Митрески упати честитка до бискупот Стојанов по повод празникот Велигден

Претседателот на Собранието Јован Митрески упати честитка до бискупот Стојанов по повод празникот Велигден

Претседателот на Собранието Јован Митрески, по повод празникот Воскресение Христово – Велигден упати честитка до Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов, која ја пренесуваме во целост.

Почитуван Монсињор д-р Стојанов

Дозволете ми од името на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од свое лично име Вам и на сите христијани од католичка вероисповед, да Ви испратам искрени честитки по повод големиот христијански празник – Велигден.

Овие денови на празнување нека донесат спокој и љубов во секој дом, во секое срце. Верските празници и нивното празнување нѐ обединуваат и нѐ потсетуваат дека духовниот мир, љубовта и почитта кон сите се вистински вредности за кои треба да се бориме и кои треба да ги промовираме.

Сите ние, независно на која религија припаѓаме мора да имаме и треба да се бориме за заедничка цел, а тоа е подобар живот и просперитетна иднина за нас и идните генерации кои доаѓаат. А тоа ќе го постигнеме само ако ги почитуваме различностите, независно од етничката и религиската припадност.

На овој голем христијански празник, кога ја славиме победата на животот над неправдата, остануваме силно посветени на заедничките вредности кои нѐ движат кон понатамошен напредок.

Ви посакувам успех, сила, мудрост и верба во исполнувањето на Вашата духовна мисија. Добро здравје и благосостојба Ви посакувам Вам и на Вашите блиски, како и на сите католички верници во Република Северна Македонија.

Честит Велигден,

Јован Митрески

фото: sobranie.mk

Категорија: Вести, Македонија

За авторот