Божиќна честитка од папата Фрањо до корејскиот народ
Додека сеуште е свеж впечатокот од посетата на папата Фрањо во Кореја, во август оваа година, Светиот Отец повторно се потсети на својот престој во таа азиска земја, и тоа во видео-порака заедно со честитката за Божиќ упатена до сите Корејанци, а која ја објави јужнокорејската телевизиска станица КБС.
Драги кореански браќа и сестри! Со големо задоволство ви ги праќам честитките за Светиот Божиќ, сеќавајќи се со радост и со благодарност на патувањето во вашата земја во август оваа година. Големата прослава во чест на мачениците, средбата со младите, но и другите моменти од посетата, остануваат живи во моето сеќавање – рече папата Фрањо.
Кореја, земјата на мирното утро, во август зборуваше само еден јазик; јазик на мирот и надежта. Патувањето на Светиот Отец во оваа земја му овозможи да види подалеку од 38-та паралела, односно границата помеѓу двете Кореи и му овозможи да се надева за конечно обединета земја. По повод Божиќ, Папата сакаше со видео-порака да се присети на најважните делови од неговиот престој во таа земја. Тоа беа стотина часови молитва, средба и слушање на тивкото сеење, кое денес носи богати плодови.
Корејските власти, имено, светилиштето Солмое го прогласија за национално богатство, а местото каде што беше поставен шаторот за средбата на Светиот Отец со младите, стана „Парк на папата Фрањо“. Дури и компанијата за брзи возови одлучи дека парите од секоја резервација за местото во возот кое го користел Папата, ќе бидат наменети за помош на сиромашните.
РВ/З.А.