Папата: Нека тишината во овој период нè научи да слушаме

Папата: Нека тишината во овој период нè научи да слушаме

На светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта, во вторникот на 21 април, папата Фрањо посебно се молеше во оваа време на пандемија и нова тишина да растеме во способноста за слушање. Во проповедта зборуваше за хармонијата која владејала во првата христијанска заедница.

Во оваа време има многу тишина. Тишината може и да се слушне. Нека таа тишина која помалку е нова во нашите навики, нè научи да слушаме; нека ни помогне да растеме во способноста за слушање. Да се молиме за тоа – рече Папата на почетокот на светата Литургија. Во проповедта се осврна на првото читање од денешната Литургија, земено од Делата на светите Апостоли (Дела 4, 32-37), кој го опишува животот на членовите на првата христијанска заедница. Имале само едно срце и една душа и она што го поседувале никој не го сметал за своја сопственост, туку меѓу нив сè било заедничко и никој не бил во потреба.

Светиот Дух е во состојба да ги прави тие чуда – напомена Папата. Првата христијанска заедница е пример, идеал, знак на она што Светиот Дух може да го направи ако сме послушни. Духот воспоставува хармонија, Он е Учител на хармонијата – истакна Папата. Треба да Го воспоставиме во нашето срце, треба кај нас многу да промени, и да воспостави хармонија, затоа што Он Самиот е хармонија.

Меѓутоа потоа започнуваат поделбите во заедницата. Идеалот на хармонични заедници треба да се постигне, но тоа не е лесно – рече Папата. Има многу работи кои ја делат некоја заедница, но гледајќи го она што ја подели првата христијанска заедница, папата Фрањо посебно истакна три причини за поделба. Најпрво тоа се парите. Парите делат, љубовта кон парите ја дели заедницата, ја дели Црквата – истакна. Често зад доктринарните застранувања се наоѓаат парите.

Наспроти тоа, сиромаштвото – според зборовите на Папата – е мајка на заедништвото; сиромаштвото е ѕидот кој ја чува заедницата. Парите и личните интереси делат. Исто така во семејствата; колку семејства се поделени заради наследство? – истакна Папата.

Друга работа која внесува поделби е суетата, чувството дека сме подобри од другите и желбата за покажување пред другите како паун. Третата работа која ја дели заедницата е озборувањето кое ѓаволот го става во нас како потреба за озборување на другите.

Но, Духот секогаш доаѓа со својата сила за да нè спаси од тие световни искушенија од парите, суетата и озборувањето, затоа што Духот не е светот, Он е спротивен на светот. Способен е да ги прави тие чуда, тие големи работи – напомена Папата и на крајот поттикна: Да Го молиме Господ за послушност на Духот за Он да нè промени, за да ги преобрази нашите парохиски, бискуписки, монашки заедници; нека ги промени секогаш да одат напред во хармонијата која Исус ја сака за христијанската заедница.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот