Божиќна честитка на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх Струмичко – скопски
Колку е убаво да се биде човек
Драги браќа и сестри, Божик е ден кој нѐ води кон почетоците на христијанствoто. Ден кога славиме несфатлив доказ на Божјата љубов кон човекот, а тоа е Негово појавување меѓу нас во воплотението и раѓањето на Второто божествено лице – Исус Христос. Пред нас е историски настан, што се случил во Витлеем Јудејски за време на владеењето на царот Август, како што пишува евангелистот Лука. Настан што се случил во семејството на Марија и Јосиф. Настан кој и нив ги воведе во таинствениот Божји план за спасението на човекот. Патот по кој тие отидоа за таа божествена авантура беше верата на Божјото Слово, Божјото ветување и Божјата волја. И покрај тоа што настанот ја надминуваше нивната моќ на знаење, сепак е чин на верата со која човекот се согласува со откровението што доаѓа од Бога, Словото – Логос стана тело и се всели меѓу нас. Во центарот на случувањата е семјеството, а во центарот на пораката е детето што е Бог, Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот (Ис 9,6).
Браќа и сестри, обраќајќи ви се, како пастир на Католичката црква во оваа поднебие, сакам да ви го објавам овој чудесен Божји план, што и нам денес ни се нуди како на оној првиот Божик. Сепак, како и тогаш и сега е неопходно овој Божик да не биде само споменување и празнување, туку настан. Но, затоа е потребно и чин на верата на што сме способни да се отвориме на објавата и да го примиме Божјиот глас кој ни одѕвонува во евангелската наука. И во оваа време кога во многу човечки срца господари темнината и неспособноста да живеат живот достоинствен на човекот ние навестуваме и сведочиме дека Бог спасува. Мрак паѓа врз вредностите на семејството. Мрак владее меѓу човечките односи и се шири цивилизацијата на смртта во која човекот е сѐ помалку човек, а сѐ повеќе бројка и тоа експлицитна од агол на користољубивост. Во времето кога е допуштено уништување на невини и неродени животи, кога во многу земји им помагаат на постарите и болните во умирањето и покрај тие факти, ние го навестуваме евангелието на животот: добри луѓе, внимавајте и Бог стана човек. Тој е чувар, бранител и оној кој е способен да го излечи нашето страдање и на паднатото човештво повторно да му даде достоинство.
Во надеж дека овие денови со повеќе смиреност во секој и во најмалиот брат и сестра ќе го препознаеме Овоплотениот, посакувам на сите мирно, силно и радосно Рождество Христово во кое ќе доживееме: Колку е убаво да се биде човек.
И на крајот и најбитното, најголемата радост која ја чувствувам и која сакам да ја споделам со сите вас е најголемиот божиќен дар, а тоа е доаѓањето на Светиот Отец папа Франциск во пасторална посета на нашата Татковина на 7 мај 2019 година. Молејќи пред Новородениот Цар, посакувам оваа посета да ни донесе неизмерен мир и благослов! Мир Божји – Христос се роди!