Во катехезата на Генералната аудиенција во средата на 19 декември 2018 година, папата Фрањо зборуваше за Божјите изненадувања за Марија и Јосиф и ги поттикна сите верниците да не го прослават Божиќ погрешно, затрупувајќи се со подароци, ручеци и вечери, туку помагајќи му „барем на еден сиромашен кој е сличен на Бог, Кој на Божиќ дојде сиромашен.“
Да не го направиме световен Божиќ! Да дозоволиме Исус на овој Божиќ да нè изненади – рече папата Фрањо во катехезата која ја одржа за време на Генералната аудиенција, насловена „Божиќ – изненадувањата кои Бог ги сака“ и ги повика 7.000 верници собрани во салата Павле VI, како и сите нас да не го прославиме погрешно овој Божиќ, туку пред вообичаените земски работи да им дадеме предност на новостите од Небото.
Прославата која Бог ја сака не е онаа од рекламите
Прославата која Бог ја сака не е таа од рекламната машинерија која – објасни Папата – повикува секогаш на размена на нови подароци за да се изненадиме едни со други, туку онаа како на првиот Божиќ, полна со изненадувања посебно за Марија, свршеницата на Јосиф. Доаѓа ангелот и го менува нејзиниот живот. Од девица ќе стане мајка. Потоа за Јосиф кој е повикан да биде татко на Детето на кое не му дал живот. Дете кое доаѓа во најнепријатниот момент, односно додека Марија и Јосиф биле свршени и според законот не смеат да живеат заедно. Изненадува и Јосиф – рече Папата – кога на Марија, не сака да ја посрами, не ја отпушта, туку размислува тајно да ја отпушти, по цена на загуба на сопствениот углед.
Божиќ донесува неочекувани промени во животот
Во сон Бог повторно му ги менува плановите и бара од него со себе да ја земе Марија. И на крајот кога Исус се раѓа, кога имал сопствени планови за семејството, повторно во сон му е речено да стане и да појде во Египет. Божиќ донесува неочекувани промени во животот. И ако сакаме да го доживееме, мора да го отвориме срцето и да бидеме подготвени на неочекувана промена во животот.
Божјото Слово „неспособно да зборува“
Но, најголемото изненадување доаѓа во божиќната ноќ – истакна папата Фрањо и објасни: Севишниот е мало дете. Божјото Слово е Дете кое не знае да зборува. Божјото Слово така станува „неспособно да зборува“. Спасителот не доаѓа да ги поздрави властите во тоа време или местата или амбасадорите; не тоа го прави на едноставните пастири кои откако ангелите ги изненадиле додека во ноќта работеле, побрзале без двоумење. Кој би го очекувал тоа? – праша Папата и додаде: Божиќ значи да се слави Божјата новост или подобро тоа значи да се слави новиот Бог Кој целосно ја пресвртува нашата логика и нашите очекувања.
Животот не се планира, туку се дарува
Затоа чествувањето на Рождеството Христово значи да се прифатат на земјата изненадувањата од Небото – објасни Папата. Не може да се живее „само на земјата“; кога Небото ги донесува во светот своите новости. Со првиот Божиќ започнува нова доба, во која животот не се планира, туку се дарува; во која повеќе не се живее за себе според сопствената волја, туку за Бог; и со Бог затоа што од Божиќ Бог е Бог со нас.
Да се живее Божиќ значи да се дозволи да нѐ раздрма неговата изненадувачка новост. Исусовиот Божиќ не ни нуди смирувачка топлина на огништето, туку Божјо треперење, кој ја потресува историјата. Божиќ е победа на понизноста над возвишеноста, едноставноста над изобилството, тишината над заглушената бучава, победа на молитвата над „моето време“, победа на Бог над моето его.
Треба да се однесуваме како Исус, да слеземе до оние кои имаат најголема потреба
Да се слави Божиќ значи да се однесуваме како Исус, кој дојде за нас кои сме во потреба и да слеземе до оние кои имаат потреба од нас – продолжи Папата во катехезата посветена на Божиќ. Тоа значи да се прави како Марија: да се надева, да се прилагодува на Бог, дури и кога не разбираме што Тој ќе направи. Тоа значи да се прави како Јосиф: да станеме за да го направиме она што Бог го сака, иако тоа не е во склад со нашите планови.
Да се собереме во тишина пред јаслите
Божиќ значи да се сака повеќе тивкиот Божјиот глас, отколку бучавата на конзумеризмот. Ако научиме да знаеме да молчиме пред јасилите, Божиќ и за нас ќе биде изненадување, а не нешто што веќе сме го виделе. Да се стои во тишина пред јасилите – тоа е повикот за Божиќ. Одвој малку од времето, застани пред јаслите и биди во тишина. И ќе почуствуваш, ќе го видиш изненадувањето.
Во центарот на славењето не сме ние, туку Тој
За жал, Божиќ може погрешно да се слави и пред новостите на Небото може да се даде предност на вообичаените земски работи – забележа Папата. Ако Божиќ е само убаво традиционално славење, во кои ние сме центарот, а не Тој, тоа ќе биде изгубена можност. Ве молам Божиќ да не го направиме световен празник! Да не го оставиме настрана Славеникот, како тогаш кога „дојде при своите, а своите не го примија“ (Иван 1,11) – истакна Папата цитирајќи зборови од евангелието според Иван.
Денови на брзање, но Исус од нас бара да бдееме молејќи
Овие денови сме во брзање, можеби како никогаш во текот на годината – рече Папата. Меѓутоа, така правиме токму она што е спротивно од она што го сака Исус. Обвинуваме многу работи со кои ни се исполнети деновите, го обвинуваме светот и брзината со која живееме. Но Исус бара од нас да не дозволиме тоа да нѐ повлече, молејќи да бдееме во секој момент – рече Папата.
Ќе се случи Божиќ, ако како Јосиф дадеме простор на тишината; ако како Марија на Бог му кажеме „еве ме“; ако како Исус бидеме близу до оние кои се сами; ако како пастирите излеземе надвор од своите огради како би биле со Исус. Ќе се случи Божиќ ако го пронајдеме светлото во сиромашната витлеемска пештера. Нема да се случи Божиќ ако бараме сјајни светла од светот, ако се натовариме со дарови, јадења и вечери, а не помогнеме барем на еден сиромашен, кој е сличен на Бог, затоа што Бог дојде сиромашен – истакна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк