Богатиот и сиромашниот Лазар

Богатиот и сиромашниот Лазар

Многупати сме слушнале во евангелските читања како нашиот Господ, Исус Христос, поучува во параболи. И тоа го прави за да му покаже на човекот каде има вистина и спасение, а каде има грев, а уште повеќе да го направи свесен за последиците од гревот.

Ја знаеме параболата за богатиот човек и симорашниот Лазар, која го истакнува безгрижниот и луксузен живот на едниот и сиромашниот и несреќен живот на другиот. Но дојде смртта, сè што беше овде во привремено постоење дојде до својот крај. И што следува?

Лазар, кој претрпел страдања и тага во овој живот, е во рајот, а гордиот богат човек е на местото на вечни маки. Во агонија, богатиот бара од Лазар да го потопи прстот во вода и да му го излади јазикот. Тој се свртува кон несреќниот, сиромав, слаб човек кој некогаш лежел пред неговите порти и кој сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од масата, оној кој никогаш не покажал љубов и милост сега бара помош од Лазар за да му ги олесни сегашните маки.

Од зборовите на параболата, јасно е дека богатството не е причина за страдањето на богатиот, туку неговиот начин на живот, неговата неспособност да располага со доброто што му го дал Бог. Но и на Лазар не му помогна сиромаштвото за да постигне вечно блаженство, туку неговата понизност и трпение.

Токму во овие две личности го гледаме она што го чека секој од нас во вечноста – блаженство за праведниците или страдањет за грешниците. Ја гледаме промената што се случува по смртта: сиромашните, кои беа гладни, кои плачеа, станаа блажени и се радуваат на бескрајната среќа, богатите, кои уживаа, кои беа сити и беа немилосрдни, ќе се најдат во неутешна тага.

Но, во параболата има уште едно барање на богатиот. Тој бара од Авраам да го испрати Лазар кај своите браќа за да не дојдат и тие на ова страшно место на мачење и плачење. Меѓутоа, ги слушна следните зборови: „Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!… Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат.“ Овие зборови мора да ги сфатиме како повик до секој од нас, бидејќи гледаме до што може да доведе неверувањето. Неверување, кое произлегува не од недостаток на докази или убедување, туку од духовна изопаченост, тврдост на срцето. Затоа, ниту еден доказ не може да им помогне на оние кои се расипани и разгалени од земните задоволства.

Денес имаме нешто повеќе од Мојсеј и пророците – Светото Писмо, Светото Евангелие и упатствата што ни се дадени на нас грешниците од Самиот Господ Исус Христос за да можеме да постигнеме вечно блаженство. Амин.

В.Ј./к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот