БОГ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРОМЕНИ

Владиката Киро во чест на Марија од Назарет во Радово

По повод празникот Марија од Назарет, кој се прослави во Радово на 6 октомври и на 15 годишнината од доѓањето на статуата во Македонија и Радово во 1998 година се служеше света архиерејска литургија, предводена од Неговото Високо Преосвештенство д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и апостолски егзарх во Македонија, кој по тој повод искажа свечена проповед во чест на празникот:

Драги браќа и сестри,

 Собрани сме денес околу силната Божја порака и големото Божјо таинство. Во нашето размислување да отидеме на почетокот на создавањето. Во книгата Битие се восхитуваме на создавањето на светот, а пред сè, на создавањето на човекот. Кога Бог го создаде Адам рече: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!“ (Бит 2,18). Кога Бог од Адам ја создаде Ева, тогаш тој воскликна: „Еве сега коска од моите коски, и плот од мојата плот“ (Бит 2,23). „Затоа ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се прилепи кон жената своја; и обата ќе бидат едно тело“ (Бит 2,24). Добро можеме да забележиме дека Создателот со својата татковска добрина создавајќи го човекот, всушност ја преслика својата Тројствена Божествена бит во човекот и го создаде во совршено единство, а сепак мноштво: маж, жена и деца. Кога зборуваме за човекот никогаш да не ја заборавиме првата страница од Светото писмо, дека човекот од самиот почеток е круна на создавањето и на Бога слична заедница која на овој свет му носи такви совршени односи какви се остварени во Пресветото Тројство. Знам, драги верници, дека ќе ми кажете дека идеализирам и дека тоа во реалноста не е така, човекот отиде далеку од тој Божји план и од тоа совршено единство направи легло на себичноста. Односите меѓу луѓето, дури и во бракот, често се пеколни и не се отсјај на Божјата добрина на земскиот рај. И покрај тој приговор јас сепак тврдам дека Бог не се откажа од својот план за човекот да биде одраз на Неговата Божествена природа кој е Отец, Син и Светиот Дух – Тројство во единство. Значи, останувам при тврдењето дека во историјата може сè да се менува и прифаќам приговор и револт, но едно тврдам БОГ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРОМЕНИ. Неговата замисла човекот да биде остварена Божја слика не е поразена и Бог не отстапи од неа.

Гледајте, кога дојде полнотата на времето Бог го испрати Својот Син, од жена беше роден во сè сличен на нас, освен во гревот. Кога дојде полнотата на времето за создавање на нов Адам, Бог повторно се загледа во човечкиот род и од него ја избра Таа, која ќе биде достојна да го исправи првиот, Прародителскиот грев и ќе ја започне историјата на новиот човек. Марија е родена од векови во Божјата промисла, во Божјото срце, како читаме во една од старозаветните книги, книга на Мудроста. Таму стои: од векови те љубев и од векови те посакував. Тој Божји план се исполни во времето кога е зачната Безгрешната ќерка на Јоаким и Ана, Дева Марија од Назарет. Божјата добрина се остварила до несфатливи длабочини кога во новото создавање на човекот прво ја создаде жената, името на таа жена е Марија. Израснува како обична скромна девојка, но, под светлината на Божјото сонце. Читаме во денешното послание до Коринтјаните: од темнината да изгрее светлина, Он ги озари срцата наши и во лицето ни засвети познанието на Божјата слава. Да се загледаме денес во тој лик, во тој живот на Марија од Назарет. Рано се буди, ги извршува обичните домашни работи, оди на изворот како и сите девојки од нејзино време, невина и скромна. Чекорот и е бавен и облеката како ветрец. Сите ја сакаат и почитуваат, се восхитуваат на нејзината убавина, невиност, услужливост и добрина. Во очите на своите современици таа е обична девојка. Сепак, таа не е обична девојка туку извонреден сад од Бога избрана, чувана и негувана, од почетокот исполнета со Светиот Дух, и така сите девојки од Назарет се загледани во таа нејзина посебна убавина која доаѓа од нејзината внатрешност. Чувствуваат, но, сепак, не знаат што всушност е таа убавина и од каде доаѓа. Но, таа знае дека во неа е Дух во кој верува и дека длабоко е всадена во нејзиното битие темелната заповед од денешното св. Евангелие: да Го возљуби  Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум а пред сè и над сè ближниот како себеси. Затоа големиот свети Августин за неа напишал: дека далеку пред тоа го зачнала Божјото Слово со вера во Духот отколку телото по Ангелското навестување.

Во еден таков мал Назарет го испрати Бог Ангелот Гаврил од Марија да побара согласност да биде прва соработничка на Божјото Окупителско дело – создавање на новиот човек – овој пат не само по Божјата слика, туку самиот Бог стана човек по Марија сличен на неа, својата Мајка. Познат ни е настанот од Навестувањето. Во повеќе Цркви во светот секојдневно се огласува звукот на камбаните кои потсетуваат три пати на ден на тоа најдлабоко Таинство: И Словото стана тело и се всели меѓу нас.

Загледани во тој лик на Дева Марија од Назарет ние денес со леснотија го прифаќаме тој Божји зафат во нашата историја. Сепак, на Марија не им било така лесно. Таа не го прашала на Бога зошто, не поставувала услови туку само прашала како и примила одговор: според Светиот Дух. Оној Дух кој што ја инспирира целиот живот сега и ја осени според Воплотението на самиот Бог. Да отидеме понатаму, Марија е целата занесена од неверојатна мајчинска радост отиде набргу во ридскиот крај во Горје, во градот Јудин, да ја посети својата роднина Елисавета. Се случува чудесна средба на два сина и две мајки. Исполнета со Светиот Дух извикува гласно и вели: „Благословена ти меѓу жените!“  Исполнета со Светиот Дух Марија вели: Мојата душа Го велича Господа – зашто Силниот ми направи големи дела. О, драги верници, кога би можеле во Духот да го доживееме тоа време на престојот на Марија во куќата на Елисавета? Колку беа содржајни тие разговори на тие две благословени жени, колку и каква радост циркулирала во тие благословени утроби носејќи го Христос и Иван Претеча. Колку пати во молитва слезе Бог што направи големи дела на човекот.

Но, после три месеци Марија се враќа со спори чекори во Назарет. Се наоѓа во блажена состојба. Што ќе рече Јосиф, што ќе кажат соседите и што ќе им одговори таа. Нејзиниот чекор е спор но душата не им е во мрак. Таа е свесна дека верниот Бог кој сето тоа го направи и овој пат ќе ја покаже својата слава и ќе ја сочува нејзината чистота, чесност и мајчинство. Таа и пред зачнувањето и за време на бременоста секогаш со вера се ослонува на Светиот Дух. И што се случува? Знаеме. Ангелот Господов го објаснува Таинството на Јосиф и тие двајцата го прифаќаат заедно животот да Божјиот Син се роди во семејство и да во тоа семејство најсовршено се исполни сликата на Троединиот Бог. Тоа е светото Семејство. Ако сега и натаму ја набљудуваме Марија од Назарет во породот на тоа Таинство ние не можеме да дадеме одговор. Зарем најголемиот од луѓето мораше да се роди во штала, да лежи на слама, да бега во прогонство во Египет, да оди по Палестина и да го навестува Евангелието кое никој со сигурност не го прифаќа. Конечно дали смееме да влеземе со таа Девица од Назарет во оган на страданието кое ја чека на Голгота кога нејзе срце од срцето и е откинато и приковано на крст како срце разбојничко. А Таа, Дева Марија од Назарет, стои и како Велики свештеник жртвува. Повторно потпрена повеќе на Светиот Дух отколку на Иван. Но, прва доживеа средба со Воскреснатиот и радоста на победата на Новиот Адам – почетокот на новото човештво. Конечно единствена е од сите нас која е со душата и телото вознесена на небото.

Драги браќа и сестри, така загледани во ликот на Марија од Назарет би можеле да ја набљудуваме не само со часови туку и цел живот. На тоа и сакам да ве потсетам, денес овде славиме, 100 години Радово, 150 години Алексово, 155 години Кукуш-Солун, сето тоа е во ред, убаво и потребно. Но, тешко на нас, ако го оттргнеме нашиот поглед од ликот на Марија од Назарет, тогаш паѓаме во опасност нашиот живот да се најде во мрак. Таа е затоа овде. Таа е затоа всадена во нашата историја да ја набљудуваме, да ја наследуваме, да на неа се молиме и да ја прифатиме во нашето Радово како една од нашите соседи, домаќинки и мајки. Кога ќе доживееме да ја прифатиме Марија во нашите ближни тогаш во нас ќе се исполни најголемата Божја заповед. Кога не губиме надеж, туку се потпираме на Светиот Дух, кој во нас произведува големи дела на верата, тогаш ја гледаме Марија како стои покрај нас и постојано не поттикнува на истрајност, а нашиот папа Фрањо би ни довикнал: Храбро напред! Ќе останат и ќе бидат само тие христијани кои знаат во која насока чекорат, кои знаат кому поверуваа и кои знаат која е ѕвезда предводница – Марија оди пред нив. Марија е извонредна само во толку што е без придржување до крај верувала, се надевала и потпирала само на Бога.

Кој не спречува нас тоа истото да го правиме: Никој. Тогаш да отидеме! Амин.

Категорија: Македонија

За авторот