Бискупот Стојанов ја прими претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ

На 13 април 2016 година Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов ја прими претседателката на Република Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ по повод нејзината посета на Република Македонија.

Бискупот Стојанов ја пречека претседателката Грабар Китаровиќ пред катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје заедно со своите соработници скопскиот парох дон Давор Топиќ, парохискиот викар дон Јошт Мезег и директорот на Каритас монс. Антун Циримотиќ.

Пред влезот на катедралата претседателката ја дочекаа и ја поздравија вработените во Каритас и Радио Марија, со свечените звуци на оргулите во чест на нејзиното доаѓање. Бискупот Стојанов накратко ја запозна претседателката Грабар Китаровиќ со историјата на скопската катедрала.

Потоа бискупот и претседателката заедно со придружбата се упатија кон Пасторалниот центар каде бискупот Стојанов ја запозна претседателката Грабар Китаровиќ со историјата на Католичката црква во Македонија истакнувајќи ги двете стварности – западниот и источниот обред и нивната поврзаност со Загребската и Врхбосанската митрополија. Исто така ја истакна и поврзаноста на месната Црква со Хрватските мисионери кои учествувале на овие подрачја особено во духовната формација која блажена Мајка Тереза ја стекнала токму од Исусовците.

Заеднички се осврнаа и на моменталната ситуација во Македонија и на мигрантската криза, при што бискупот Стојанов уште еднаш изрази голема радост и благодарност за посетата на претседателката.

Бискупот Стојанов во оваа прилика во знак на љубовта која ја искажа со своето доаѓање, на претседателката ѝ дарува слика и книга за блажена Мајка Тереза, како и книгата на папата Фрањо „Божјото име е милосрдие“ на македонски јазик.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот