Бискупот Стојанов ја предводеше светата Миса на прославата на патрониот празник на Богословијата во Ѓаково

По повод празникот Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица, заштитничка на Богословијата во Ѓаково, на 8 декември 2014 година во капелата која е посветена на овој празник, се служеше света Миса која ја предводеше Н.В.П. монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија. На светата Миса во заедништво со бискупот Стојанов сослужуваше надбискупот Ѓаковачко – осиечки монс. Ѓуро Храниќ, како и ректорот на Семинаријата Андриќ, деканот Рагуж, свештеници од надбискупските установи, а во придружба на монс. Киро Стојанов беше о. д-р Зоран И. Стојанов. На светата Миса покрај богословите, присуствуваа и сестрите од Светиот Крст, професори, персоналот и студенти од Католичкиот богословски факултет во Ѓаково.

На почетокот од Евхаристиското славење, надбискупот Храниќ ги поздрави сите присутни и ја истакна својата радост и задоволство од присуството на бискупот Стојанов.

Во својата проповед монс. Стојанов нагласи дека Литургијата нѐ води до самите почетоци од нашето постоење, славејќи допираме до таинството на човечката трагедија, но и човечкото спасение. Човечката желба да се биде како Бог, непослушноста на Адам и Ева, вроди грев, човекот го сврте своето лице од светлина во темнината, а Божјата милост се враќа со послушноста на новиот Адам – овоплотен во Исус Христос и нова Ева – Марија. Во таинството на безгрешното зачнување на Блажена Девица Марија Бог со милоста создава ново човештво, кое треба да биде родено преку смртта и воскресението на новиот човек, Исус Христос.

Исус стана наш брат, но и наш Откупител. Секој христиијанин, а и секој епископ, свештеник, богослов, мора да го отвори своето срце, утробата, за Божјото Слово и со својот одговор за соработка да овозможи Словото да стане тело и на тој начин Исус преку нас и денес да биде овоплотен, да биде носен, навестуван како единствен Спасител, рече бискупот Стојанов.

Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх Стојанов ја истакна својата благодарност на Ѓаковачко – осиечкиот надбискупот Храниќ, за неговата покана да ја предводи оваа света Миса. Воедно се заблагодари што Ѓаковачката богословија прифати во неа да се подготвува еден кандидат за свештенство на Скопската бискупија.

На крај бискупот Стојанов се заблагодари на поглаварите на богословијата и им порача на богословите секој ден да ѝ се обраќаат на Богородица Марија, искрено и понизно, како што син се обраќа на својата мајка.

Прославата траеше три дена, а започна во саботата, 6 декември во 19:30 часот со свечена Академија во свечената сала на Католичкиот богословски факултет. Во пригодната програма настапи Богословскиот хор и Мешаниот катедрален хор на Ѓаковачката катедрала.

Прославата продолжи на 7 декември во 18:15 часот со Свечена вечерна молитва која ја предводеше генералниот викар на Ѓаковачко – осиечката надбискупија монс. Иван Чуриќ. Во својата проповед монс. Чуриќ истакна дека веќе 208 години богословите од Ѓаково се приклонуваат на Дева Марија Безрешно зачната и во неа пронаоѓаат мајчинско разбирање и љубов.

к.мк/Е.Матес

Категорија: Македонија

За авторот