Бискупот Стојанов служеше Миса за покојните на гробиштата во Бутел

На празникот Сите Светци, 1 номеври 2014 година скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов, ја предводеше светата Литургија на гробиштата Бутел во Скопје. На светата Литургија сослужуваа и Генералниот викар монс. Антун Циримотиќ, скопскиот парох дон Давор Топиќ, парохискиот викар дон Јошт Мезег и бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов.

Пред евхариското славење скопскиот парох дон Давор Топиќ го поздрави бискупот Стојанов, свештениците и посветените лица, како и сите присутни истакнувајќи дека се наоѓаат на свето место, бидејќи човечкиот живот е свет и дека овие гробишта на која владее тишина, ја чува надежта за вечен живот по што го замоли бискупот Стојанов да започне со евхаристиското славење.

„Гробиштата се место на надеж. Надежта која ние денес тука ја исповедуваме е втемелена на Словото Божјо. Ако сме доволно силни во верата и собрани, можеме во својата душа да слушнеме оддек со потврдување од нашите покојни, дека тоа е вистина. Нивните души, бидејќи се крстени се облечени во бели облеким, стојат пред Јагнето и во заедништво со ангелите препорачуваат: ’Спасение и слава на нашиот Бог“. Што значи да се биде облечен во бела облека? Тоа значи овоземското распадливо тело да биде облечено во бесмртност. Во почетокот Црквата ги крштева луѓето возрасни и во моментот на крштението биле потопувани во крштелниот сад за да означат смрт на стариот пагански човек, а после потопувањето и крштението ги облекувале во бела облека, која го означува новиот човек кој се облекува во бесмртност и го симболизира Христос. После осмиот ден белата облека се положувала и се чувала за денот на погребение. Авторот на книгата Откровение зборува за бесмртноста, во која се облечени нашите покојни“ – рече бискупот Стојанов.

„Предраги, дојдовме на овие гробишта и стоиме покрај покојните во надеж дека ќе не зацврстат во верата. Денес на гробиштата не сме само гости, посетители, туку и ученици. Празникот Сите Светци нѐ поврзува во исповедувањето на основните верски вистина за Бог и човекот. Денес ја исповедуваме верата во живиот Бог, а не Бог на мртивте. Ја исповедуваме верата во Бог животворец, кој бдее над овие гробови и сее надеж за воскресение. Тука сме денес да погледнеме во гробот, но и да ги подигнеме своите очи кон небото и да ја исповедаме верата во човекот кој повеќе е небесен, отколку земски. Веруваме во заедништво на човекот со Бог таму каде што животот трае, кој не познава страдања, солзи, болест. Сите Светци нека нѐ застапуваат пред Бог и нека нѐ поврзат во единството на верата, надежта и љубовта.“ – истакна бискупот Стојанов во продолжение на својата проповедта.

На крајот од евхаристиското славење бискупот Стојанов ја измоли молитвата за сите покојни, чиј тела почиваат на грбиштата. За време на Мисата пееше катедралниот хор под водство на сестра Татјана Атанасова.

к.мк/2383

Категорија: Македонија

За авторот