Бискупот Стојанов подели ручок за корисниците на народната кујна

На 14 април 2014 година Скопскиот бискуп и Апостослки егзарх во Македонија, монс. др. Киро Стојанов, во придружба на скопскиот парох дон Давор Топиќ и богословот Бошко Чатлак го посети манастирот на сестрите Мисионерки на љубовта – сестри на блажена Мајка Тереза и во таа пригода служеше света Литругија, а потоа подели ручок за корисниците на народната кујна.

Во капелата на манастирот за време на светата Миса бискупот Стојанов во својата проповед говореше за Евангелието, кое зборува за средбата на Исус со Лазар и неговите сестри Марта и Марија и нагласи дека сме повикани во нашето послание да даваме важност на средбите со луѓето кои ги сретнуваме, внесувајќи ја на средбите секогаш силата на Словото Божјо.

Во другиот дел од проповедта бискупот се осврна на својата пасторална посета во Индија од 16-28 февруари 2014, истакнувајќи дека можеше од близу да ја доживее Мајка Тереза во Индија со нејзините први чекори во служење на најсиромашните меѓу сиромашните и основањето на заедницата на мисонерки на љубовта. „Мајка Тереза во своите почетоци наидуваше на тешкотии, но како што победи Исусовата љубов на крстот, така и Мајка Тереза успеа во своето послание. Се радувам што можев да се помолам на нејзниниот гроб во Калкута и се се гордеам  што таа потекнува од овој град, град каде што католичкото стадо беше многу мало. Меѓутоа, примајќи ја верата на прадедовците, таа од тој дар ја носеше Божјата љубов кон сиромашните. Кога во Калкута влегов во „куќата на оние кои умираат“, ја доживеав големата љубов која сестрите ја докажуваа кон тие луѓе. Забележав дека сестрите ја имаат задржано онаа голема љубов, скромност и понизност, а сето тоа за да се служи на сиромашните и за Божја слава. На гробот молев и за вашата заедница тука во Скопје. На средбата со вашата врховна поглаварка с. Према, ја замолив да дојде во Македонија и во таа прилика побарав реликвија од блажена Мајка Тереза за новата Црква во Струмица. Сестра Према рече дека планира да ја посети Македонија. Како пастир на месната Црква ви благодарам за вашиот труд и напор и го молам драгиот Бог да ве обдари со нови звања и уште многу девојки да се одлучат да му служат на Бог во монашкиот ред. Останете скромни и понизни во своето служење кон Бог и сиромашните“ порача бискупот Стојанов.

По завршувањето на Евхаристиското славење бискупот се задржа во разговор со сестрите, пренесувајќи ги своите впечатоци од Калкута, како и од животот и делувањето на Црквата во Индија, истакнувајќи ја силната вера и животворност која се очитува во средбите со луѓето во Индија

Бидејќи сестрите на Мајка Тереза во својот манастир имаат народна кујна за 60-тина корисници, бискуппот Стојанов во придружба се упати во трпезаријата и се сретна со корисниците на кујната, кои дојдоа на ручок. Бискупот ги поздрави сите присутни, истакнуавајќи дека оваа куќа на Мајка Тереза е место каде може да се добие храна за телото, но и за душата. Охрабрувајќи ги за живот, ги повика на животот и ситуацијата во која се наоѓаат да гледаат како дар на вера и така да ја запознаат Божјата љубов од која живее човекот и добива сила.

Благодарејќи на сестрите за нивното служење, бискупот ги повика корисниците на кујната и самите да бидат благодарни за ова внимание и љубов што ги добиваат од сестрите. Исто така рече дека беше на гробот на блажена Маја Тереза во Калкута и гледајќи на посланието на сестрите, истакна дека тие во нивното послание не прават разлика според народност, вероисповед, што е знак на Божјата љубов. Бискупот Стојанов посака радосен и среќен Велигден, а потоа им подели од ручокот и се задржа со корисниците на народната кујна, кои на бискупот Стојанов му ја искажаа својата благодарност за неговото охрабрување и гест на љубов, кој како пастир го направи кон нив.

д.Д.Т.

Категорија: Македонија

За авторот