По повод смртта на почесниот папа Бенедикт XVI, кој почина во сабота 31 декември 2022 година во 9.34 часот во манастирот Mater Ecclesiae во Ватикан, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монс. Киро Стојанов упати писмо до свештениците, монашките заедници и Божјиот народ во кој меѓу другото повикува во сите Свети Миси/Литургии, во Западната црква во молитвата на верните, а во Источната црква веднаш после светото Евангелие, во Сугубата Ектенија да се додаде прозба за покој на душата на почесниот папа Бенедикт XVI“.
Во дописот се вели:
Со чувство на човечка тага и христијанска надеж што ги делиме со верниците ширум светот, ја примивме веста дека денес, 31 декември 2022 година, во 09.34 часот, почесниот папа Бенедикт XVI, син на Католичката црква, духовен татко и учител на непреодната Надеж се пресели во домот на Небесниот Отец на 95 годишна возраст.
Од длабочините на нашите срца благодарни сме на Бога што Католичката црква и нејзините верници можеа на земното патување да го имаат папата Бенедикт XVI за свој поклоник, сопатник и духовен водител. Тој како наследник на свети Петар за време на својот понтификат покажа како „скромниот работник во Господовото лозје“ станува доблесен претставник на Христос на земјата. И во годините по неговото пензионирање, тој ја следеше Црквата со духовно татковство какво историјата не памети. Затоа повикувам нашите молитви да ги воздигнеме кон Бога за душата на овој голем човек и човек кон кого општествата и културите ширум светот имаа голема почит.
Истовремено епископот Стојанов дава одредби, кои во оваа прилика ги споделуваме:
- Молитвата за упокојување на душата на почесниот папа Бенедикт XVI нека биде вклучена во молитвата на верниците во Западната црква додека во Источната Црква во Ектенијата после светото Евангелие. Молитвите да се молат до неговото погребение во Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија.
- Црквоните ѕвона да ѕвонат на почетокот на погребот што ќе се изврши на 05 јануари 2023 година во Ватикан.
- На денот на погребението, 05 јануари 2023 година, во сите парохии од Источен и Западен обред да се служи Света Литургија за упокојување на душата на папата Бенедикт XVI.
- Во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје за таа накана ќе се служи во среда, 04 јануари 2023 година, во 18.00 часот.
Нека почива во мир! Вечен му спомен!