Барселона: Папата се сретна со делегатите на MED26: Медитеранот се соочува со многу предизвици
Папата Лав XIV во Барселона оствари повеќе попладневни средби, од институционални разговори до средби со епископи, млади луѓе и социјални работници кои учествуваат на Медитеранската средба MED26, што се одржува во Барселона до 12 јуни. Тој ги охрабри учесниците да продолжат да работат за подобар свет.
Папата Лав XIV во вторник попладне, 9 јуни 2026 година, имаше повеќе средби во просториите на Барселонската надбискупија, соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол преку својот канал на Телеграм.
Средбата со претседателот на Генералитетот на Каталонија, Салвадор Иља и Рока, траеше околу 15 минути. Потоа папата Лав XIV се поздрави со дел од соработниците на претседателот.
Потоа накратко го поздрави Организацискиот одбор, заблагодарувајќи им се за нивните напори и за подготовките околу неговото апостолско патување, и им го пренесе својот благослов.
Кон пристаништата каде што се очекува Радосната вест
Околу 200 луѓе учествуваат на Медитеранската средба MED26, која во моментов се одржува во Барселона и се совпадна со патувањето на Папата во Шпанија. Папата Лав XIV се сретна со нив и им упати кратко обраќање.
Тој ги охрабри учесниците да продолжат да патуваат, и географски и духовно, кон оние пристаништа каде што мажите и жените ја очекуваат Радосната вест.
Потоа Папата ги спомена многуте предизвици со кои се соочува Медитеранот, особено Блискиот Исток, и изрази благодарност и охрабрување за работата насочена кон тоа светот да стане подобро место, преку градење дијалог и преку препознавање дека „во различноста постои богатство и дека во различноста можеме да бидеме обединети“.
На крајот од средбата, присутните заедно ја измолија молитвата „Оче наш“.
Медитеранската средба MED26 е посветена на „градењето мир“ во Медитеранот. На 12 март, папата Лав XIV во Ватикан прими делегација од Канцеларијата за црковна координација на Медитеранот, предводена од кардиналот Жан-Марк Авелин. Тогаш ги охрабри присутните да продолжат со своите иницијативи за промовирање на образованието за мир и културата на средба.
Ватикан њуз/к.мк

