Се молиме за големиот број жртви од последните нечовечки напади што се случија во Нигерија и Мaли
Во Никарагва, од 27 февруари се водат важни разговори за справувањето со сериозната општестевено-политичка криза во која се наоѓа земјата – рече папата Фрањо после пладневната молитва Ангел Господов на 24 март 2019 година и истакна: Со молитва го следам тоа ангажирање и ги поттикнувам засегнатите страни што е можно поскоро, за доброто на сите, да пронајдат мирно решение.
Вчера, во Тарагона, Шпанија, за блажен беше прогласен Маријано Мулерат и Солдевила, татко и млад лекар кој го загуби животот на 39 години, а кој се грижел за физичкото и моралното страдање на браќата, сведочејќи ги со животот и мачеништвото милосрдие и простување кои мора да бидат на прво место – рече Папата и истакна: Тој ни е пример за простување. Нека тој се застапува за нас и нека ни помага да одиме по патот на љубовта и братство, и покрај тешкотиите и неволјите.
Денес го славиме Денот на сеќавањето на мисионерите маченици – рече Светиот Отец и истакна: Во текот на 2018 година, во светот голем број епископи, свештеници, монаси и монахињи и верници лаици имаат претрпено насилство, додека четириесет мисионери се убиени, речиси двојно повеќе од претходната година. Должност на целата Црква е од благодарност да се сеќаваме на таа Голгота на браќата и сестрите на нашето време кои биле прогонувани и убиени заради нивната вера во Исус, но за нас тоа е и поттик смело да ja сведочиме својата вера и надеж во Него, кој со љубов на крстот засекогаш ги победи омразата и насилството.
Се молиме за големиот број жртви од последните нечовечки напади што се случија во Нигерија и Мали – рече папата Фрањо и додаде: Господ да ги прими тие жртви, да ги излекува повредените, да им даде утеха на семејствата и да се преобратат суровите срца. Тогаш Светиот Отец ги поздрави сите присутни поклоненици. Утре е празник на Благовештение Господово, јас ќе одам во Лорето, домот на Пресвета Богородица Марија – рече на крајот Папата и заврши: Го одбрав тоа место за потпис на Апостолскиот поттик посветен на младите. Ве молам, да се молите Богородичното ДА да стане ДА на сите нас.
Ватикан њуз/к.мк/Јадранка Чадиновска