Папата Фрањо: Своите добра поделете ги и не правете од нив идоли

Папата Фрањо: Своите добра поделете ги и не правете од нив идоли

Да се има вера, значи потполно да се надеваме на Господ, рушејќи ги световните идоли. Среќа е да се биде со Бог близу до сиромашните, не следејќи ги измамниците – рече Папата за време на пладневната молитва Ангел Господов, во недела 17 февруари 2019 година на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Евангелието од Литугијата (Лука 6,17.20-26) ни зборува за четири блаженства и за четири опомени со изразот „тешко вам“ – рече папата Фрањо и истакна: Со тие силни и остри зборови Исус ни ги отвора очите, ни го дава својот поглед за да гледаме од другата страна на привидот, над површината и нѐ учи со вера да ги разликуваме приликите.

Исус ги прогласува блажени сиромашните, гладните, тажните и прогонетите, а ги опоменува оние кои се богати, сити, кои се смеат и кои се фалени од луѓето – рече Светиот Отец и објасни: Причина за тоа чудесно блаженство е фактот дека Бог е близу со оние кои трпат и посредува како би ги ослободил од ропството. Исус тоа го гледа, веќе го гледа блаженството од другата страна на негативната реалност. Исто така „тешко вам“ е упатено на оние кои денес се забавуваат; служи за тоа да ги разбуди од опасната лага на себичноста и да ги отвори за логиката на љубов, додека уште имаат време.

Делот од денешното Евангелие повикува да размислуваме за длабокото значење на верата која се состои од потполна доверба во Господ – рече Папата и истакна: Се работи за рушење на световните идоли како своето срце би го отвориле за живиот и вистинскиот Бог. Само Тој може на нашиот живот да му даде полнина која толку многу ја сакаме, а сепак тешко можеме да ја оствариме. Имено, ги има многу оние кои и во ова наше време се прикажуваат како делители на среќа, ветуваат успех за кратко време, голема заработка на рака, чудесни решенија за секој проблем. Тука е лесно да се погреши против првата заповед. Идолопоклонство значи да се замени Бог со идол. Идолопоклонството и идолите излгедаат како да припаѓаат на некое друго време, но во суштина припаѓаат на сите времиња, па и на денешното! Подобро ги опишуваат современите однесувања од многу социолошки анализи.

Поради тоа Исус ни ги отвора очите за реалноста – рече Папата и објасни: Повикани сме на среќа, да бидеме блажени и стануваме во таа мерка, колку повеќе се ставаме на страната на Бог и Неговото царство, на страната на она што не е минливо, туку важи за вечниот живот. Среќни сме ако се признаеме за потребни на Бог и ако сме како Него и со Него близу до сиромашните, тажните, гладните. Стануваме секогаш способни за радост кога, поседувајќи ги добрата од овој свет, не правиме од нив идоли на кои им ја продаваме својата душа, туку можеме да ги поделиме со своите браќа. Денешната Литургија повторно нѐ повикува да се преиспитаме во врска со тоа како во нашите срца би се вселила вистината.

Исусовите блаженства се одлучна порака која нѐ поттикнува да не ја ставаме довербата во материјалните и минливите работи, и да не бараме среќа следејќи ги продавачите на дим, кои често се продавачи на смрт, и лажливци – рече Светиот Отец и напомена: Господ ни помага да ги отвориме очите, да стекнеме продорен поглед во реалноста, да ја излечиме хроничната кратковидност со која сме заразени од световниот дух. Тој со своето чудесно слово нѐ потресува и нѐ тера да препознаеме што е она што нас вистински нѐ збогатува, задоволува, ни дава радост и достоинство. Накратко, она што дава вистинска смисла и полнина на нашиот живот.

Нека Блажена Дева Марија ни помогне ова евангелие да го слушаме со отворен ум и срце, како би донело плод во нашиот живот и како би станале сведоци на среќа која не разочарува – рече на крајот Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот