Апел на Светиот Отец за итен прекин на огнот во Газа: Дијалог, помирување и мир во Светата Земја

Апел на Светиот Отец за итен прекин на огнот во Газа: Дијалог, помирување и мир во Светата Земја

Во телеграма потпишана од државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин, папата Лав XIV изрази длабоко жалење за денешниот напад врз парохијата на Светото Семејство во Газа. Светиот Отец ја изразува својата духовна близина и солидарност со парохискиот свештеник, отец Габриел Романели, кој беше ранет во нападот, како и со целата верничка заедница. Воедно, Папата го обнови својот повик за итен прекин на огнот во Појасот Газа и ја искажа својата искрена надеж за дијалог, простување и траен мир во регионот на Светата Земја.

Во телеграмата, испратена денес, на 17 јули, се наведува дека по израелскиот воен напад врз католичката црква на Светото Семејство во Газа, има жртви и повредени. Меѓу ранетите е и парохискиот свештеник, отец Романели, кој, за среќа, добил полесни повреди на ногата и веднаш бил пренесен во локалната болница Ал-Ахли во градот Газа, каде добил медицинска помош.

Молитвена блискост и утеха

Светиот Отец во својата телеграма упатена до отец Романели изрази длабока жал и сочувство за нападот врз парохијата, која од почетокот на војната обезбедува засолниште за над 500 бегалци. Тој ги препорача душите на загинатите на милосрдната љубов на Семоќниот Бог, и ја потврди својата духовна блискост со целата заедница, придружена со молитви за утеха на ожалостените и за брзо оздравување на повредените.

Со овој апел, Папата уште еднаш ја истакнува потребата од итно запирање на насилството и враќање на мирољубивиот дијалог, како пат кон правда, помирување и стабилен соживот меѓу народите на овој измачуван регион.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот