Љубовта ја движи верата, а верата станува награда за љубовта – истакна папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов во недела 20 август 2017 година, осврнувајќи се на литургиското Евангелието според Матеј, кое зборува за средбата на Исус со жената Хананејка, која Евреите ја сметаа за странкиња и паганка.
Светиот Отец потсети на зборовите со кои Ханаејката му се обраќа на Исус: „Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес” (Матеј 15,22). Но Исус најпрво не и одговра ниту збор. Таа жена во јавност ја изнесува големата внатрешна моќ, која ѝ овозможува да ги надмине сите препреки. Тоа е моќ, кој свој извор има во нејзината мајчинска љубов како и во довербата дека Исус може да ја исполни нејзината молба. Љубовта ја движи верата, а верата од своја страна, станува награда за љубовта – напомена Папата и додаде дека постојаната вера во Исус овозможува на таа мајка да не се обесхрабри, кога се соочи со одбивањето на почетокот.
На крајот Исус се восхитува на верата на жената паганка: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!” И во тој час оздраве ќерката нејзина (Матеј 15,28). Светиот Отец рече дека Господ ни ја претставува таа понизна жена како пример за непоколеблива вера. Со тоа таа за нас станува поттик дека не смееме да се обесхрабруваме или да очајуваме кога ќе се сретнеме со тешки искушенија во животот. Папата рече дека Господ не се одвраќа од нас кога сме во потреба, а ако понекогаш ни изгледа дека не го слуша нашиот повик за помош, тоа е затоа што би сакал да нѐ испита и да ја зајакне нашата вера.
Овој евангелски дел ни помага да сфатиме дека за сите нас е неопходно да растеме во верата и да ја зајакнуваме довербата во Исус – напомена Папата. Господ ни помага повторно да го пронајдеме патот, кога ќе го изгубиме компасот. Важно е секојдневно да ја храниме верата и тоа со слушање на Словото Божјо, славење на Светите Тајни, лична молитва и конкретни ставови за љубов кон ближниот. Светиот Дух ни помага да издржиме во нашата вера. Духот влева храброст во срцата на верниците и нашиот живот и на сведочењето му дава уверлива моќ. Тој нѐ поттикнува да ја победиме недовербата кон Бог и рамнодушноста кон нашите браќа и сестри – рече папата Фрањо на крајот од наговорот.
По молитвата Ангел Господов папата Фрањо се помоли за жртвите од терористичкиот напад во Барселона, во кој се убиени 15 лица, а околу 120 се повредени. Исто така Светиот Отец повика на молитва и за жртвите од нападот во Буркина Фасо и Финска. На крајот се помоли на Бог, кој е Бог на милосрдието и мирот, да го ослободи светот од тоа нечовечко насилство
РВ/к.мк