Папата Фрањо од прозорецот на својата работна соба во Апостолската палата молеше Ангел Господов со верниците и ходочасниците собрани на плоштадот Свети Петар.
Конкретноста на верата се состои во нашиот личен однос со Господ, а Бог не се противи кога му се молиме, истакна папата Фрањо за време на неделната молитва Ангел Господов во недела на 20 август 2023 година.
Обраќајќи им се на илјадниците верници на плоштадот Свети Петар, Папата рече дека Бог е трогнат кога ќе му се обратиме и ќе поверуваме во него.
Светиот Отец потсети дека неделното Евангелие според свети Матеј зборува за средбата на Исус со една жена Хананејка, надвор од територијата на Израел, која упорно и со голема вера го повикуваше Господа да ја ослободи нејзината ќерка која била измачувана од зол дух.
Повикувајќи ја на нејзината истрајна вера, Господ и рекол: „Нека ти биде по желбата твоја!” И во тој час оздраве ќерката нејзина.
Бог не се противи кога му се молат
Папата истакна дека ја смета за интересна промената на ставот на Исус, а фактот поради кој го менува е силата на верата на таа жена. Достапноста на Исус е интересна, тој станува уште повеќе снисходлив и сочувствителен пред конкретниот случај на жената.
„Таков е Бог: Тој е љубов“. „Оној Кој љуби“, рече Папата, „не останува крут во своите позиции, туку дозволува да биде допрен и потресен; знае како да ги промени своите планови“. А ние христијаните, инсистираше папата Фрањо, мораме да го следиме Христос.
Отворен дијалог со Христос
Светиот Отец ја испита содржината на верата на жената. @Жената не е богата со поими, туку со факти“, нагласи тој. Хананејката, потсети Петровиот наследник, „пристапува, паѓа ничкум, инсистира, одржува близок дијалог со Исус, ја совладува секоја пречка за да му се обрати.“
„Тоа е конкретноста на верата, која не е религиозна етикета, туку личен однос со Господ“, истакна папата Фрањо
Верата на таа жена, продолжи тој, „не беше оптоварена со теолошкa префинетост, туку со инсистирање; не со зборови, туку со молитва”. Бог, рече Папата, „не се противи кога му се молат”.
Затоа што вели: „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори“ (Матеј 7,7).
„Каква е мојата вера?
Во светло на сето ова, рече Светиот Отец, треба да си поставиме неколку прашања.
Почнувајќи од Исусовата промена, тој ни предлага да размислуваме: „Дали сум способен да го сменам мислењето? Дали можам да имам разбирање и сочувство или цврсто стојам на моите позиции?“.
Римскиот бискуп ги поттикна верниците да се запрашаат дали имаат нешто круто во нивните срца?
Поаѓајќи од верата на жената, тој предложи да се запрашаме: „Каква е мојата вера? Дали се задржува на поими и зборови или навистина се живее, со молитва и дела? Дали знам да разговарам со Господ, дали знам да инсистирам или се задоволувам со рецитирање на некоја убава формула?“.
Папата Фрањо заврши со молитва, Богородица да не направи „подготвени за доброто и конкретни во нашата вера“.
Ватикан њуз/к.мк