Ангел Господов: Заедништво и умереност

Ангел Господов: Заедништво и умереност

Папата Фрањо во недела на 14 јули 2024 година од прозорецот на својата работна соба во Апостолската палата молеше Ангел Господов заедно со верниците и ходчесниците собрани на плоштадот Свети Петар. Во целост го пренесуваме говорот на Папата

ПАПА ФРАЊО

АНГЕЛ ГОСПОДОВ

Плоштад Свети Петар, недела, 14 јули 2024 година

Драги браќа и сестри, ви посакувам пријатна недела!

Денешното Евангелие ни зборува како Исус ги испратил своите ученици во послание (сп. Марко 6,7-13). Ги праќа „два по два“ и им препорачува со себе да ги земат само најпотребните работи.

Да се задржиме на таа слика: учениците ги испраќа заедно и со себе треба да го земат само она што е најпотребно.

Евангелието не го навестуваме сами, не, туку заедно, како заедница, а за тоа е важно да знаеме како да ја зачуваме умереноста: да знаеме да бидеме умерени во користењето на добрата, споделувајќи ги добрата, способностите и даровите, и да се ослободиме од сувишното. Но зошто? За да бидеме слободни, некои работи непотребно поробуваат. Но и за да бидеме слободни и секој да го има она што му треба за достоинствено да живее и активно да придонесува во посланието; и, дополнително, да се биде трезвен во мислите и чувствата, напуштајќи ги предрасудите и непопустливоста кои, како бескорисен багаж, претставуваат само товар и пречка на патувањето, така што, наместо тоа, поттикнуваме соочување и слушање и на тој начин сведочењето го правиме плодоносно.

Да размислиме, на пример, што се случува во нашите семејства или во нашите заедници: кога сме задоволни со најнеопходното, дури и во малите работи, со Божја помош, успеваме да одиме напред и да постигнеме хармонија, меѓусебно го споделуваме она што го имаме, сите се откажуваат од нешто и се поддржуваат еден со друг (сп. Дела 4,32-35). И тоа веќе е мисионерско навестување, дури и повеќе од зборови, бидејќи ја воплотува убавината на Исусовата порака во конкретниот живот. Семејството или заедницата што живее вака создава атмосфера богата со љубов, во која е полесно да се отвори за верата и за новоста на евангелието и од која се тргнува по нови патишта кои се подобри, посветли и порадосни.

Напротив, ако секој оди по својот пат, ако само работите се важни – од кои никогаш нема доволно -, ако не се слушаме, ако преовладуваат индивидуализмот и зависта – зависта е смртоносен отров, вистински отров! – ако преовладуваат индивидуализмот и зависта, се чувствува напнатост во воздухот, животот станува тежок, а средбите стануваат повеќе можности за немир, тага и малодушност отколку можности за радост (сп. Матеј 19,22).

Драги браќа и сестри, заедништвото и умереноста се важни вредности за нашиот христијански живот: заедништвото, хармонијата меѓу нас и умереноста се важни вредности, а за нашиот апостолат тие се незаменливи вредности за вистинска мисионерска Црква, на сите нивоа.

Затоа, да се запрашаме: дали чувствувам задоволство во навестување на Евангелието, во носењето радост и светлина до местото каде што живеам, што доаѓа од средбата со Господ? За да го направам ова, дали се обидувам да одам заедно со другите, да споделувам идеи и способности со нив, со отворен ум и дарежливо срце? И на крај: дали знам да негувам умерен начин на живот кој е внимателен на потребите на моите браќа? Ова се добри прашања што треба да се постават.

Марија, Царица на апостолите, нека ни помогне да бидеме вистински ученици мисионери, во заедништво и умереност во животот. Во заедништво, хармонија меѓу нас и со умереност во животот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот