Папата го прими францускиот претседател Оланд

Францускиот претседател Франсоа Оланд во среда 17 август беше примен од папата Фрањо во приватна посета. Оваа посета е во знак на солидарност – три недели по терористичкиот напад на двајца исламисти, каде во црква во Руан му е отсечена главата на свештеникот Хамел за време на славењето на светата Миса. Според Елисејската палата Оланд сака лично да му искажае сочувство на Папата.

Папата и претседателот на Франција разговараа околу 40 минути, а потоа Оланд и неговиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев се сретнаа со државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пиетро Паролин.

Претседателот Оланд лично се јави на Папата веднаш по убиството на свештеникот Хамел, како што изјави самиот Папа пред новинарите: „Во врска со инцидентот од вчера, јас би сакал да се заблагодарам на сите оние кои искажаа сочувство, на посебен начин, на претседателот на Франција кој со мене телефонски разговараше како брат. Му благодарам”.

Пред да се сретне со папата Фрањо францускиот претседател Оланд беше во француската црква во Рим во близина на плоштадот Пијаца Новона, каде што се задржа во тишина во знак насеќавање на жртвите од тероризмот. Во една од страничните капели на црквата е место за молитва за жртвите од терористичките напади во Франција.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот