Ангел Господов: Да се разбудиме од сонот, Господ е присутен во секојдневните работи

Ангел Господов: Да се разбудиме од сонот, Господ е присутен во секојдневните работи

Во пладневното обраќање пред молитвата Ангел Господов во првата недела на Адвент, Папата се осврна на Евангелието од неделната литургија, кое нè воведува во адвентското време:ќе дојде вашиот Господ“ (сп. Матеј 24,42) и нè поттикнува да се разбудиме од сонот, секогаш да внимаваме на Божјото присуство, кој ни зборува и ги вдахновува нашите дела и да го прифатиме во нашиот секојдневен живот

Дали сум свесен за она што го доживувам, дали сум внимателен? Дали се обидувам да го препознаам Божјото присуство во секојдневните ситуации или сум расеан и оптоварен со други работи? Да се запрашаме во ова времето на Адвент, бидејќи ако не го забележиме неговото доаѓање денес, ќе бидеме неподготвени кога ќе дојде на крајот на времињата – предупреди папата Фрањо во кратката катехеза пред молитвата Ангел Господов во недела 27 ноември 2022 година, на првата недела од Адвент, коментирајќи го делот од Евангелието според Матеј од неделната Литургија и ветувањето кое нè воведува во адвентското време: „Ќе дојде вашиот Господ“.

Ова е основата на нашата надеж, тоа е она што нè поддржува и во најтешките и најдобрите моменти од нашиот живот: Бог доаѓа. Никогаш да не го заборавиме тоа! – истакна Светиот Отец и објасни: Затоа што Господ секогаш доаѓа, нѐ посетува, блиску ние е и ќе се врати на крајот на времињата да не прими во своите прегратки. Меѓутоа, за овие зборови треба да се запрашаме: Како доаѓа Господ? Како да се препознае и пречека?

Одговарајќи на првото прашање, Папата потсети како многупати сме слушнале дека Господ е присутен на нашето патување, нè придружува и ни зборува. Но, можеби ние сме расеани, веруваме дека ова е само „теоретска“ вистина или замислуваме дека Господ доаѓа на еклатантен начин, можеби преку некој чудесен знак. Исус, напротив, вели дека тоа ќе се случи „како во деновите на Ное“, односно кога луѓето правеле нормални, секојдневни работи во животот: јаделе и пиеле, се женеле и се мажеле.

Бог е скриен во нашиот живот, се крие во најобичните и најредовните ситуации од нашиот живот. Не доаѓа во вонредни настани, туку во секојдневните работи, се покажува во нив. И таму, во нашата секојдневна работа, во случајна средба, во лицето на човек во неволја, дури и во денови кои се сиви и монотони, таму нè повикува Господ, ни зборува и ги вдахновува нашите постапки.

Меѓутоа, постои уште едно прашање: како да се препознае и да се пречека Господ? Папата Фрањо посочува дека треба да бидеме будни, внимателни, на штрек. Исус нѐ предупредува на опасноста да не го забележиме неговото доаѓање и да не бидеме подготвени за неговата посета. Свети Августин – се присети Папата – вели: „Се плашам од Господ кој поминува“ (Serm. 88,14.13), односно се плашел да не помине Исус, а тој да не го препознае. Навистина, во Евангелието, Исус за луѓето од деновите на Ное вели дека јаделе и пиеле и „не узнаа, додека не дојде потопот и истреби сè“ (р. 39). Воопшто не ни помислуваа затоа што беа презафатени со сопствените работи и не сфатија дека наидува поплава. Исус, всушност, вели дека кога ќе дојде, „ќе бидат двајца на нива: еден ќе се земе, а другиот ќе се остави!“ (р. 40).

Која е разликата? Едноставно, некој човек бил буден, способен да го согледа Божјото присуство во секојдневниот живот; другиот бил расеан, живеел од денес за утре и ништо не забележал.

Затоа Папата поттикна во ова време на адвент да се тргнемр од нашата тромост и да се разбудиме од сонот! Да се обидеме да се запрашаме: дали сум свесен за она што го доживувам, дали сум внимателен, дали сум буден?

Дали се обидувам да го препознаам Божјото присуство во секојдневните ситуации или сум расеан и донекаде оптоварен со други работи? Ако не го забележиме неговото доаѓање денес, ќе бидеме неподготвени кога ќе дојде на крајот на времињата. Затоа, да останеме будни! Чекајќи да дојде Господ, чекајќи Господ да се приближи, бидејќи Тој е тука, но да чекаме внимателно.

Во тоа нека ни помогне Светата Богородица – рече на крајот папата Фрањо – Жена на исчекување, која знаеше да го почувствува минувањето на Бога во скромниот и скриен живот на Назарет и го прими во својата утроба.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот