Божиќниот пост е вистинско време да Го прифатиме Исус, кој како гласник на мирот доаѓа за да ни ги покаже Божјите патишта – рече папата Фрањо во пладневниот наговор кој го одржа пред молитвата Ангел Господов во неделата на 1 декември 2019 година
После молитвата Ангел Господов, Папата се осврна на ситуацијата во Ирак и ја најави посетата на местото во кое свети Фрањо Асишки пред речиси 800 години ги направи првите јасли.
Низ овие четири недели на Божиќниот пост светата Литургија нѐ води кон славењето на Рождеството Христово, потсетувајќи нѐ дека Он секој ден доаѓа во нашиот живот и дека славно ќе се врати на крајот на времињата – рече папата Фрањо на почетокот на денешниот пладневен наговор и меѓу останатото, се осврна на првото Литургиско читање од Книгата на пророкот Исаија и на зборовите „И ете, во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи…“ (Исаија 2,2). Светиот Отец потоа објасни дека Господовиот храм во Ерусалим во тој контекст е претставен како собиралиште и место за средба на сите народи.
Папата исто така рече дека Исус Синот Божји по овоплотувањето се објави како вистински храм и според тоа видението на Исаија претставува божествено ветување кое нѐ поттикнува на ходочаснички став, на одење кон Христос, смислата и целта на целата историја. Колку се гладните и жедните за правда која може да се пронајде само во одењето по Господовите патишта – праша Светиот Отец и рече: До злото и гревот се доаѓа затоа што поединци и општетсвени групи повеќе ги следат патиштата на себичните интереси кои предизвикуваат конфликти и војни.
Божиќниот пост е вистинско време за да Го прифатиме Исуса Кој како гласник на мирот доаѓа за да ни ги покаже Божјите патишта – поттикна папата Фрањо и рече: Исус во денешното Евангелие поттикнува да се подготвиме за неговото доаѓање. „Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ.“ (Матеј 24,42) – рече Папата цитирајќи евангелски дел и објасни: Да бдееш не значи да ги држиш отворени телесните очи, туку да имаш слободно срце свртено во вистинската насока односно подготвено за дар и за служење. Сонот од кој треба да се отргнеме според мислењето на Светиот Отец го прават рамнодушноста, празнината, неспособноста за искрени меѓучовечки односи и неподготвеност да се преземе одговорност за осамениот, напуштениот или болниот брат.
Очекувањето на Исусовото доаѓање затоа мора да се преведе во обврска за будност. Станува збор пред сѐ за зачуденост пред Божјото делување и за неговите изненадувања и за давањето Првенство Нему. Будност во конкретна смисла исто така значи да се биде внимателен кон ближниот кој се наоѓа во потешкотии, прашувајќи се за неговите потреби и да не чекаме да побара помош, туку да научиме да предвидиме онака како што Бог секогаш прави со нас – рече Папата и пред молитвата Ангел Господов се помоли за застапништво на Марија, будната Девица и Мајка на надежта, да нѐ води на тој пат и да ни помогне да го свртиме погледот кон Господовата гора, сликата за Исус Христос Кој сите луѓе и сите народи ги привлекува кон себе.
Ватикан њуз/к.мк