Ангел Господов: Поминете низ „тесната врата“ служејќи му на Бога и на другите

Ангел Господов: Поминете низ „тесната врата“ служејќи му на Бога и на другите

Говорот на Папата пред молитвата Ангел Господов на 21 август 2022 година го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Во еден дел од Евангелието според Лука на Литургијата оваа недела, го прашуваат Исуса: „Господи, малку ли се оние што ќе се спасат?” А Господ одговара: „Потрудете се да влезете низ тесната врата“ (Лука 13,24). Тесната врата е слика што може да не заплаши, како спасението да е наменето само за неколкумина избрани или совршени. Но, ова е спротивно на она што го поучува Исус во многу прилики. Имено, малку подоцна Тој вели: „И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо“ (р. 29). Значи, таа врата е тесна, но е отворена за сите ! Тоа не треба да се заборави: за сите! Вратата е отворена за сите!

Но, подобро да се разбере оваа тесна порта, треба да се прашаме каква е таа. Исус зема слика од тогашниот живот и веројатно мисли на тоа кога паѓа вечерта, сите градски порти се затвораат, освен една, најмалата и најтесната, која останува отворена: враќањето дома можеше да се случи само поминувајќи низ неа.

Затоа, да се потсетиме на зборовите на Исус: „Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси“ (Иван 10, 9). Тоа значи дека за да се влезе во Божјиот живот, во спасението, потребно е да се помине преку него, не преку некој друг, туку преку него; да се прифати него и неговото Слово. Како што беше потребно за влез во градот да се „мери“ според единствената отворена тесна порта, така и животот на христијанинот се „мери со Христос“, неговиот живот е основан и обликуван според него. Ова значи дека мерилото е Исус и неговото Евангелие: не она што ние мислиме, туку она што Тој ни го зборува. А тогаш таа е таа тесна врата, не затоа што е наменета за малкумина, туку затоа што да се биде Исусов значи да го следиш, да го посветиш својот живот во љубов, служење и самоподарување како тој, кој помина низ тесната порта на крстот. Влегувањето во планот на животот што ни го предлага Бог бара од нас да го стесниме просторот на себичноста, да ја намалиме вообразеноста на самодоволноста, да ја спуштиме возвишената горделивост и надуваност и да ја победиме мрзелиовста како би се впуштиле во ризикот на љубов, дури и кога вклучува крст.

Мислиме, конкретно, на оние секојдневни чинови на љубов кои бараат од нас труд и напор: родители кои се посветуваат на своите деца, жртвувајќи се самите себе и откажувајќи се од времето наменето за себе; на оние кои се грижат за другите, а не само за своите интереси: колку ги има такви, добри; мислиме на оние кои се трошат во служба на постарите, најсиромашните и најслабите; на оние кои продолжуваат да работат посветено, трпејќи ги неволјите и можеби дури и недоразбирањата; на оние кои страдаат поради вера, но продолжуваат да се молат и да љубат; на оние кои наместо да ги следат своите инстинкти, на злото одговараат со добро, наоѓаат сила за простување и храброст за нов почеток. Ова се само дел од примерите на оние луѓе кои не ја избираат широката врата на својата удобност, туку тесната врата на Исус, животот поминат во љубов.

Како што вели Господ денес, Отецот ќе ги препознае нив како свои многу повеќе отколку оние кои веруваат дека се веќе спасени, но всушност во животот тие се „злосторници“ (Лука 13, 27).

Браќа и сестри, на која страна сакаме да бидеме? Дали го претпочитаме полесниот пат каде што мислиме само на себе или тесната порта на Евангелието, која води до криза на нашата себичност, но нè опремува да го прифатиме вистинскиот живот што доаѓа од Бога и нè прави среќни? На која страна сме? Богородица, која го следеше Исус сè до крстот, нека ни помогне да го мериме животот според него, за да влеземе во полн и вечен живот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот