Нема вистинска љубов без крст – рече папата Фрањо за време на пладневната молитва Ангел Господов во недела 28 јуни 2020 година на плоштадот Свети Петар, осврнувајќи се на денешното Евангелие кое ни зборува за силата на повикот за да го живееме во целост и без колебање.
Исус бара од своите ученици сериозно да ги сфатат евангелските барања, па и тогаш кога бара жртва и напор – рече Папата и истакна: Првото големо барање е љубовта кон него да ја стават над семејните чувства, и го упатува на оние кои го следат и вели: „Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“.
Исус сигурно нема намера да ја потцени љубовта кон родителите и децата, но знае дека роднинските врски, доколку се ставени на прво место, може да го одвратат од вистинското добро – рече Папата и додаде: Сите ние во врска со ова би можеле да дадеме многу примери, а да не ги спомнуваме и ситуациите во кои семејните чувства се мешаат со понудите кои се спротивни на евангелието. Меѓутоа, кога љубовта кон родителите и децата е придвижуван од прочистената Господава љубов, тогаш таа станува потполно плодна и дава добри плодови во самото семејство и уште повеќе надвор од него.
Потоа Исус им вели на своите ученици: „Кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ – цитираше Светиот Отец од Евангелието и објасни: Се работи за тоа дека мора да го следиме на патот кој тој самиот го помина, не барајќи скратени патишта. Нема вистинска љубов без крстот, односно без цената која треба лично да ја платиме. Крстот кој се носи со Исус, не нѐ плаши, затоа што тој секогаш е со нас за да ни помогне во моментот на најголемите искушенија, да ни даде сила и храброст. Нема да ни користи вознемиреноста и така со плашливо и себично однесување да мислиме дека ќе го сочуваме сопствениот живот.
Исус предупредува: „Кој ќе ја запази душата своја, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, ќе ја зачува.“ Тоа е необична евангелска мисла – рече Папата и напомена: Но и за тоа му благодариме на Бога, имаме многу примери. Полнота на животот и радоста се наоѓа дарувајќи се за евангелието и браќата со отвореност, прифаќање и добронамерност. Така правејќи можеме да ја искусиме великодушноста и бесплатноста. Исус нѐ потсетува на тоа: „Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил. *… Кој напои еден од овие мали само со чаша студена вода како Мој ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.“
Великодушната бесплатност на Бог Отецот води сметка и за најмалите гестови на љубов и служење на браќата – рече Светиот Отец и додаде: Тоа е заразна благодарност која на секо од нас му помага да бидеме благодарни на оние кои се грижат за нашите потреби. Кога некој ќе ни понуди помош, не смееме да си мислиме дека сето тоа морало да го направи заради нас. Благодарноста е пред се знак на добро воспитување, но и христијанска карактеристика. Тоа е едноставен знак, но истовремено и вистински знак на Божјото царство кое е царство на бесплатна и благодарна љубов.
Пресвета Дева Марија, која го љубеше Исус повеќе од својот живот и го следела сѐ до крстот, нека ни помогне секогаш да бидеме пред Бог со отворени срца, дозволувајќи неговото Слово да ги просудува нашите однесувања и избори – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк