Во своето обраќање пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо ги охрабри верниците да ја разберат „тајната“ на Иван Крстител, наизглед груб и строг човек. Тој е алергичен на дволичност и лицемерие, опасности кои го засегаат секој од нас. Адвентот е можност да слеземе од пиедесталот на наводната самодоволност и да потонеме во водата на покајанието
Строг, радикален, на прв поглед дури груб и способен да влее страв: вака се претставува Иван Крстител во Евангелието на Литургијата на втората недела од Адвент. Затоа, папата Фрањо, зборувајќи пред верниците собрани на плоштадот Свети Петар во недела 4 декември 2022 година, ги поттикна да ја поминат неговата строгост и привидна грубост, да ја разберат Ивановата тајна: Тој е – рече римскиот бискуп – алергичен на дволичност. Кога фарисеите и садукеите, познати по своето лицемерие, ќе му пристапат од љубопитност или опортунизам, тој човек облечен во камилски влакна има многу силна алергиска реакција.
Алергија на лицемерие
Иван со неговите „алергиски реакции“ нè поттикнува на размислување Нели понекогаш сме малку како тие фарисеи? Можеби ги гледаме другите со презир, мислејќи дека сме подобри од нив, дека го држиме животот во свои раце, дека не ни треба секој ден Бог, Црквата, нашите браќа и сестри, а забораваме дека е дозволено да гледаме одозгора само во еден случај: кога треба да му помогнеш на некој да стане; ова е единствениот случај, други случаи на гледање од горе надолу не се дозволени. Можеби мислиме дека сме подобри од другите, дека Црквата не ни треба секој ден.
Како татко
Во меѓувреме, Крстителот, кај кого сите кои се чувствувале грешници брзале да ги исповедаат своите гревови и да се крстат, упатува љубовен крик до фарисеите и садукеите, сличен на плачот на татко, кој гледајќи го својот син како се уништува, му вели: „Не си го уништувај животот!“
Лицемерието е најголемата опасност, бидејќи може да ги уништи и најсветите реалности. Дали затоа Крстителот – како и Исус – е строг со лицемерите? Можеме, на пример, да го прочитаме 23-тото поглавје од Евангелието според Матеј, во кое Исус многу остро им се обраќа на лицемерите од неговото време. Зошто го прави ова Крстителот, но и Исус? Да ги размрда. За да се прифати Бог, не е важна вештина, туку понизност; не е вештина: „ние сме силни, ние сме голем народ“; не, туку понизност: „Јас сум грешник“, но не апстрактно, не: „зашто ова, тоа, она“, секој треба да се исповеда, пред се своите гревови, своите пропусти, лицемерието; треба да се ослободи од ароганцијата и да се потопи во водата на покајанието.
Никогаш не е доцна да се започне одново
Папата затоа охрабри да се живееме Адвент како време на благодат за да ги симнеме маските и да застанеме во редот со понизните; за да се ослободиме од претпоставката дека сме самодоволни, како би ги исповедале своите гревови. Има само еден начин, понизноста: таа нè чисти од чувството на супериорност, формализам и лицемерие и ни овозможува – истакна папата Фрањо – да видиме кај другите браќа и сестри, грешници како нас, а во Исус да го видиме Спасителот кој доаѓа заради нас, за нашата потреба да нѐ подигне, да ни биде простено и да нѐ спаси.
И да потсетиме на уште една работа: со Исус секогаш постои можност да се започне одново. Секогаш! Тој нѐ чека и никогаш не е уморен од нас. Да го слушнеме Ивановиот љубовен плач упатен до нас да се вратиме кај Бога и да не дозволиме ова доаѓање да помине како деновите во календарот, затоа што ова е време на благодат за нас, сега, овде! Никогаш не е доцна, секогаш постои можност да се започне одново, имајте храброст, Тој е блиску до нас и ова е време на преобраќање. Секој може да помисли: „Јас ја имам оваа ситуација во мене, овој проблем што ме срами“, но Исус е покрај тебе, почни одново, секогаш постои можност да направиш уште еден чекор. Секогаш! Тој нѐ чека и никогаш не се заморува од нас. Тој никогаш не се заморува и не сме му досадни, Тој никогаш не се уморува.
Ватикан њуз/к.мк