Алчноста кон парите ги уништува луѓето, семејствата и човечките односи

Алчноста, приврзаноста кон парите, ја уништува личноста, семејството и односот со другите – рече Светиот Отец во денешната проповед на светата Литургија во капелата на домот Света Марта. Папата повика на живеење во сиромаштија, но не поради самото сиромаштво, туку со богатството кое ни го дава Бог да им служиме, помагајќи им на оние кои се во потреба.

Коментирајќи ја параболата од Евангелието, како некој човек го моли Исус да му помогне при делбата со брат му, Папата се осврна на односот кон парите. Тој е секојдневен проблем. Колку семејства се уништени поради пари: брат против брат, татко против син… А првото што ќе го направи приврзаноста кон парите е уништување. Кога некој човек е приврзан на парите, се уништува себе си и семејството. Парите уништуваат! Вистина е, зар не? Парите служат за добри дела, за напредок на човештвото, но, ако срцето е приврзано кон парите, тогаш го уништува човекот – објасни папата Фрањо.

Исус во Евангелието говори за богатиот, кој размислува за собирање на богатството, а не за богатење во Бог. Исус опомена да се држиме далеку од алчноста: во алчноста за пари се крие злото. Собирање на богатства на парите води до идолопоклонство и го уништува односот кон другите. Алчноста е оружје на идолопоклонството, ова е многу важно, бидејќи оди во спротивен пат од оној кој Бог ни го одреди. Свети Павле ни вели дека Исус е Христос, кој бил богат, за нас станал сиромашен за да нѐ збогати со своето сиромаштво. Тоа е Божјиот пат: понизност, понизете се за да можете да служите. Алчноста, напротив, го води човекот кон поинаков пат: Ти, сиромав човек, заради суетата се правиш Бог. Тоа е идолопоклонство – рече Папата додавајќи:

Исус затоа изговара многу остри зборови против алчноста за пари: вели дека не може да се служи на двајца господари: или на Бог или на парите. Вели дека не треба премногу да се грижиме за себе бидејќи Бог знае од што имаме потреба и нѐ повикува со доверба да му се предадеме Нему, кој прави да цветат полските лилјани и кој ги храни птиците небесни. Богатиот од параболата мисли само на богатството, но Бог му говори: Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане? (Лука 12,20) Овој пат е спротивен од Божјиот пат, лудост е бидејќи одделува од животот, го уништува човечкото братство меѓу луѓето – заклучи папата Фрањо.

Господ ни го покажува вистинскиот пат: не е тоа патот на сиромаштво поради сиромаштво. Не! Туку патот е тоа сиромаштвото да е како средство или начин, за Бог навистина да биде Бог, бидејќи тој е единствен Господ, а не златен идол. А сите добрата кои ги поседуваме, Бог ни ги дава за да го подобриме светот, за човештвото да оди напред, да помогаме на другите. Нека денес во срцето ни остане Господовиот совет: Гледајте и пазете се од лакомството, оти животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот (Лука 12,15) – заврши Светиот Отец.

Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот