Папата го посети претседателот на Италија Серџо Матарела

Папата го посети претседателот на Италија Серџо Матарела

Папата Фрањо на 10 јуни 2017 година беше во официјална посета на претседателот на Италија, Серџо Матарела, чија резиденција се наоѓа во палата Квиринале во Рим.

Светиот Отец за време на својата посета зборуваше дека Црквата во Италија е цврсто поврзана со душата на таа земја. Станува збор за втора посета на Папата во палата Квиринале, а првата беше во ноември 2013 година, кога претседател на Република Италија беше Џорџо Наполитано.

Светиот Отец на собраните им зборуваше за христијанската надеж во светот, кој е полн со проблеми, ризици и опасности. Рече дека Италија, но и цела Европа се повикани да се соочат со проблемите како што е меѓународниот тероризам, раширениот феномен на миграција и сериозните и постојани општествени нееднаквости во цел свет.

Што се однесува до огромниот и сложен феномен на миграција, папата Фрањо рече дека е очигледно како неколку нации не можат да го носат целиот товар, додавајќи дека од таа причина неопходно и итно е потребно развивање на сеопфатна и интезивна меѓународна соработка.

Папата го спомна примерот на Италија чии великодушни граѓани и институции работат на преобразување на тие предизвици во можности. Посебно ја истакна работата која Италија ја направи за да им помогне на бегалците кои пристигнуваат на нејзините брегови, исто така и залагањето на волонтерите и парохиите, посебно за време на земјотресите кои минатата година ја погодија Централна Италија, нагласувајќи дека тоа е христијанство на дело. Следниот проблем, на кој Светиот Отец се осврна, беше прашањето за вработувањето, повторувајќи го својот повик да се создадат услови за нови можности за работа.

Папата Фрањо на собраните им рече дека Црквата во Италија е важна реалност, цврсто поврзана со душата на таа земја, и на крајот истакна дека Италија во Католичката црква и во христијанските начела секогаш наоѓа најдобри сојузници за општествен раст, слога и вистински развој.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот