Eгозорцист

Минатата недела нѐ посети отец Габриеле, италијански свештеник кој е егозорцист. Сите ние кои поминавме неколку дена со него бевме зацврстени во верата и охрабрени со неговата радост и надеж.

Тука сакам да споделам со вас некои мисли на отец Габриеле кои мене лично ме допреа. Отец Габриеле вели дека во егзорцизмот е видливо ѓаволското делување кое во нашиот секојдневен живот е сокриено и невидливо.

Ѓаволското делување може најлесно да го изразиме со три збора: ЛАГИ, МАНИПУЛАЦИЈА И СТРАВ. Нашиот Господ го нарекува ѓаволот отец на лагите. Лукавиот секогаш ја фалсификува реалноста. Нашите караници, нашите болни посесивни врски кои се прелеваат од голема љубов во уште поголема омраза, нашата завист и повреденост кои секогаш ни го уништуваат животот… имаат како јадро сокриени, тивки, подсвесни лаги. Всушност ако го земеме било кој грев неговото јадро е лагата. Гордоста е невистинито зголемено доживување на себеси, блудноста е фалсификат на брачната љубов, ненаситеноста е лага дека ни треба толку храна.

Добро е да се прочита книгата „Луѓето на лагата“ од психологот Скот Пек. Тој бил заинтересиран за патологијата на злото на кое наидуваше кај неговите пациенти. Започна да го истражува егзорцизмот, бидејќи кај опседнатите луѓе, злото зема карактеристики на посебна личност. Тоа што го искуси во егзорцизмите (требаше долго време да најде вистинска демонска опседнатост) беше една од причините за неговoтo преобраќање. Книгата завршува со лекот кој тој го пронајде. Тоа е љубовта Божја која е објавена во Исус Христос.

Злото е најмногу видливо во нарцизамот и прекумерната љубов кон себе што доведува до непочитување на другите (во Христа ни е покажана толку голема љубов за другите што доведува до непочитување на себе). Интересно е тоа дека изворот на злото е во лагите. Од каде се лагите во нас? Кој нѐ лаже? Природата? Сѐ е во неа совршено, од атоми, преку клетките на живите организми, сѐ до галаксиите. Совршенство и хармонија. Од каде се тогаш деструктивните лаги во нас ако не доаѓаат од природата?

Нашиот разум, потпомогнат од страна на објавата, нè води до натприродни причини на злото. Како што ние додека го гледаме парадоксот на постоењето, разумот нѐ упатува на натприродна причина – Бог (не е логично дека материјата е вечна, бидејќи не може да биде бесконечно многу минати настани зашто бесконечност не постои во реалноста каква што ние ја знаеме, но исто така е нелогично дека таа има свој почеток, бидејќи од ништо никогаш не е создадено нешто, според тоа постоењето е нерешлив парадокс), така и додека го гледаме злото нѐ упатува на натприродна причина – демон.

Манипулацијата исто така е поврзана со лаги. Со неа ќе го натераме другото лице да направи нешто што ќе му наштети, додека тој мисли дека прави добро за себе. Мислам дека со гревот станувам слободен, но всушност станувам роб, мислам дека имам корист од ситуацијата, но вистината е дека сум изгубил сè – Бог, мирот и својата личност… Оние кои живеат во вистината знаат дека останувањето во Божјата љубов е дури и поважно од физичкиот живот.

Целата моќ на отецот на лагите е во заплашувањето. На отец Габриеле ѓаволот многу пати му се закануваше со омраза во гласот „Јас ќе те убијам, ќе те уништам, ќе видиш што сум ти подготвил.” По смртта на неговата мајка Лукавиот зборуваше „Гледаш, ја убив мајка ти.”

Колку само сите ние сме изложени и изманипулирани од страна на стравот за иднината? Колку има убиства на невини луѓе – абортуси, поради страв од пари, иднина, факултет, што другите ќе кажат за нас? Марино Рестрепо, познат мистик, еднаш ми рече дека абортусите се всушност жртви во чест на Сатаната со кои неговата моќ во светот расте. Мајка Тереза на добивањето на Нобеловата награда рече дека најголем непријател на мирот е крикот на едно невино неродено дете. Кога мајка може да го убие во утробата сопственото дете, тогаш уште кој поголем криминал постои, отколку да почнеме да се убиваме меѓу себе.

Знаеме дека во сатанските ритуали луѓето сакаат да добијат демони кои им даваат моќ лесно да манипулираат со другите, да ги заведуваат, да добијат пари, успех … Повеќе моќ добива оној кој ќе направи поголемо и посурово зло. Кулминацијата е во убивање на невини.

Неодамна, кога се враќавме од ходочастие со младите во Торино, Тони ни даде прекрасно искуство. Неговата девојка останала бремена кога и двајцата биле на 18 годишна возраст. Сега после неколку години, кога ја гледа нивната прекрасна ќерка се згрозува од помислата дека тој сакаше да ја убие додека беше во утробата на мајка ѝ. Тој бил исплашен. Тоа ќе ти го уништи животот! Заборави на забава! Нема да го завршиш факултетот! Сите ќе ви се смеат! Фала му на Бога, христијаните кои тогаш ги знаеше и Божјата благодат му помогнаа да го победи стравот. Сега ужива во неговата ќерка и не знае како тој би живеел без неа порано. Бог му дава да може да работи и да учи, го инспирира како да се грижи за своето семејство. Тие имаат уште две убави деца. Злото повторно го плаши. Колку долго ќе живеете така? Луѓето ви се смеат! Ќе умрете од глад! … Божјото Слово, кое редовно го слуша со неговата сопруга постојано му повторува Не плаши се! Не стравувај! Верувај ми !

Во средбите со уништени луѓе кои ја изгубиле волјата за живот, или се борат со анксиозност и во тешки семејни односи, ние свештениците често ги откриваме абортусите во нивната историја. Тие никогаш не ги поврзуваат нивните проблеми со тоа, па ние се обидуваме да објасниме како не може да се има љубов и мир во куќата (која се базира) врз коските на невино убиени. Овие лица се сметаат за добри. Можеби нивното срце е добро, но поради стравот тие направиле ужасно злосторство што го труе нивниот животот и ја отвора вратата на демоните кои ги мачат. Знаеме дека лекот е во покајанието и во враќање кон милосрдната Божја љубов.

Она што најмногу нѐ допре сите кај отец Габриеле, кој зборуваше со самиот ѓавол, повторувањето дека ние немаме од што да се плашиме! Христос е победник! Сè што го попречува нашето покајание, нашиот просперитет, духовниот раст, сето тоа доаѓа од лажливецот. Тој секогаш нѐ фрла во крајности – од прекумерна доверба во себе, па сѐ до очај. Словото Божјо, кое е Словото на вистината и љубовта, нѐ става во реалноста. Нѐ понижува кога сме горди и нѐ охрабрува кога сме уништени. Можеби затоа пустиниците велат дека го ризикуваме своето спасение, ако останеме три дена без слушање на Словото Божјо.

Радосна вест на христијанството е – СЕГА можете да почнете одново, заборавете го тоа што ве попречува од минатото, не плашете се од иднината. Сега и тука можете да почнете од почеток. Со Христос! Во искушението да го повториме на глас егзорцизмот што беше изречен над нас на нашето крштение: Се откажувам од тебе Сатано, лажливецу, манипулатору, страшиливецу од слама! Сакам да го слушам Бога! Тој ме сака!

А.Н.

Превод: Луција Матак

Категорија: Колумни

За авторот