На конференцијата за клима во Шарм ел Шеик, Египет, државниот секретар кардинал Пиетро Паролин повторно апелираше за спроведување на интегрирани пристапи за решавање на социо-еколошката криза: не можеме да си дозволиме да се структурираме во неодржливи изолирани блокови на држави; имаме морална должност да ги спречиме и да одговориме на хуманитарните последици предизвикани од климатските промени, како што е зголемената појава на раселени мигранти.
На присутните им се обрати државниот секретар кардинал Пиетро Паролин кој ги поздрави во името на Светиот Отец и посака плоден исход на конференцијата. Тој рече дека папата Фрањо пред неколку дена за време на неговото Апостолско патување во Бахреин изразил надеж дека Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени, попозната како Конференција на UNFCCC или COP27, ќе биде чекор напред за конкретни и далекувидни избори имајќи ги предвид младите генерации пред да биде загрозена нивната иднина.
Ова е прва седница на UNFCCC на која учествува Светиот Престол како држава-странка. Овој важен чекор е во согласност со најавата на папата Фрањо од 2020 година дека Светиот Престол ќе се посвети за нула нето емисии, одговарајќи на две нивоа:
1) Државата Ватикан е посветена на намалување на нето емисиите на нула пред 2050 година со интензивирање на напорите за подобрување на управувањето со животната средина, напори што постојат веќе неколку години;
2) Светиот Престол е посветен на промовирање на образование за интегрална екологија. Политичките, техничките и оперативните мерки не се доволни, тие мора да се комбинираат со едукативен пристап кој промовира нови животни стилови, истовремено негувајќи обновен модел на развој и одржливост заснован на грижа, братство и соработка на човештвото и на зајакнување на „сојузот меѓу луѓето и животната средина“.
Во својот говор државниот секретар Паролин истакна дека социо-еколошката криза во која се наоѓаме е можност за индивидуално и заедничко преобраќање и за конкретни одлуки кои повеќе не можат да се одложуваат. Тој нагласи дека имаме морална должност да дејствуваме конкретно со цел да ги спречиме и да одговориме на се почестите и тешки хуманитарни влијанија предизвикани од климатските промени. Истакна дека растечкиот феномен на раселени мигранти е загрижувачки знак и заклучи дека е важно да се препознае миграцијата како форма на прилаодување и да се зголеми достапноста и флексибилноста на рутите за регуларна миграција.
Во продолжение на неговото обраќање, кардиналот Париолин рече дека мораме да признаеме дека глобалните настани како пандемијата Ковид-19 и зголемениот број конфликти ширум светот со сериозни етички, социјални и економски последици можат да ја поткопаат глобалната безбедност, да ја влошат несигурноста на храната и да го загрозат самиот мултилатерализам.
Светот е премногу меѓузависен и не може да дозволи да биде структуриран во неодржливи изолирани блокови на држави. Ова е време на меѓународна и меѓугенерациска солидарност. Мора да бидеме одговорни, храбри и да гледаме во иднината не само за себе, туку и за доброто на младите генерации, додаде кардиналот Паролин.
Минатата година, на конференцијата COP-26 во Глазгов, папата Фрањо испрати порака во која истакна дека „раните нанесени на нашето човечко семејство од пандемијата на болеста Ковид-19 и феноменот на климатските промени се споредливи со оние кои произлегуваат од глобалниот конфликт“. Сега оваа порака на Папата добива уште поголемо значење. Политичката волја треба да биде водена со свесноста дека заедно победуваме или губиме заедно, заклучи државниот секретар на Светиот Престол.
Мора да признаеме дека патот до постигнување на целите од Парискиот договор е сложен и дека имаме сè помалку време на располагање да го смениме правецот. COP-27 ни дава дополнителна можност што не може да се упропасти. Тоа е можност, но и предизвик, сериозно да се осврнеме на стожерите на Парискиот договор: ублажување, прилагодување, финансии, загуба и штета. Исто така, не треба да ја игнорираме неекономската страна на загубата и штетата, како што е губењето на наследството и културите.
Со пристапувањето кон Конвенцијата и Парискиот договор, Светиот Престол уште повеќе се залага за заеднички напредок на овој пат, за општото добро на човештвото, особено во име на идните млади кои очекуваат да се грижиме за сегашните и идните генерации, изјави државниот секретар кардинал Пиетро Паролин на крајот на конференцијата одржана во Шарм ел Шеик, Египет.
Ватикан њуз/к.мк