Папата Фрањо, на петгодишнината од објавувањето на Апостослкиот поттик за љубовта во семејството, ја прогласи Годината на „Семејството Amoris Laetitia“ која трае до 10. Светска средба на семејствата во Рим во јуни 2022 година. Овој период е „можност да се продлабочи содржината на документот Amoris Laetitia“, рече римскиот бискуп. Во оваа прилика, теологот Бранко Јуриќ за Vatican News во неколку продолженија зборува за документот на овој Папски документ за љубовта во семејството.
Четврто поглавје: Љубовта во бракот
Во овој дел од Апостолскиот поттик, папата Фрањо зборува за љубовта во бракот и ја илустрира, започнувајќи со „химната на љубовта“ на свети Павле (1. Коринтјаните 13, 4-7). „После љубовта што нè поврзува со Бога, брачната љубов е најголемиот облик на пријателство“ (Amoris Laetitia, 123). Четвртото поглавје (Amoris Laetitia 89-164) може да биде исклучително интересно и корисно за брачните парови, бидејќи се работи за вистинската, внимателна, точна, вдахновена и поетска егзегеза на текстот на Павле што многу свршеници го избираат за литургиско читање на денот на нивната венчавка. Психолошката студија влегува во светот на емоциите на сопружниците – позитивни и негативни – како и во еротската димензија на љубовта. Станува збор за исклучително богат и вреден придонес во христијанскиот живот на сопружниците, досега неискажан во претходни Папски документи.
Повеќе од само чувство
Размислувајќи за трпението, Фрањо прво предупредува дека „да се биде трпелив не значи да се дозволи постојано да бидеме малтретирани“. Тој не повикува на трпение во такви непожелни случаи, туку тогаш кога мислиме дека односите треба да бидат идилични „или дека луѓето се совршени, или кога се ставаме себеси во центарот и очекуваме сè да биде по наше“ (Amoris Laetitia, 92). Љубовта е „повеќе од само чувство“ и мора да се разбере во смисла на зборот на хебрејски, а тоа е: „да се прави добро“ (Amoris Laetitia, 94).
Љубовта нè тера да ја отфрлиме неправдата
Текстот на Апостолскиот поттик потсетува дека „во љубовта нема место за незадоволство од доброто на другиот“, бидејќи „вистинската љубов го цени успехот на другите“, не ги доживува како закана и нè ослободува од горчливите чувства на завист (Amoris Laetitia, 95). „Истата таа длабоко вкоренета љубов ме наведува да ја отфрлам неправдата, а тоа е дека некои поседуваат премногу, а други немаат ништо. Тоа подеднакво ме принудува да најдам начини за оние кои се отфрлени од општеството да доживеат малку радост“ (Amoris Laetitia, 96). Во оваа смисла и „огорченоста е здрава кога нè поттикнува да реагираме на голема неправда, но е штетна кога има тенденција да навлезе во целиот наш однос со другите“ (Amoris Laetitia, 103). Затоа никогаш не смее да се заврши денот без да се помират домашните меѓу себе. Потребен е само „мал гест, некоја ситница и се враќа семејната хармонија. Доволно е да се помилува другиот, тивко и без зборови“ (Amoris Laetitia, 104), советува папата Фрањо.
Радост за доброто на другиот
Погледот исполнет со почит и благодарност е од огромно значење, но претерувањето со ова обично предизвикува болка“ (Amoris Laetitia, 128). Папата истакнува дека оние што љубат „способни се да искажуваат зборови на утеха, кои утешуваат, даваат сила, охрабруваат и поттикнуваат. Размислете, на пример, некои од зборовите што Исус ги упатувал на луѓето: ,Не плаши се чедо!’ (Матеј 9,2). Голема е твојата вера!’ (Матеј 15,28), ‚Стани!’ (Марко 5,41) ‚Оди во мир!’ (Лука 7,50 ) ‚Не бојте се!’ (Матеј 14,27) Тоа не се зборови што понижуваат, растажуваат, кои лутат, презираат“ (Amoris Laetitia, 100). Затоа, во семејството е неопходно потребно да се научи ваквиот љубезен Исусов говор. Друга неизбежна особина што треба да ја негуваат членовите на семејството е да знаат како да се радуваат на доброто на другиот. Односно, кога нешто добро ќе се случи во животот на некој од семејството, тој или таа „знае дека другите ќе бидат таму за да прослават заедно со него“ (Amoris Laetitia, 110).
Понатаму, „љубовта внимава на добриот глас на другите“ (Amoris Laetitia, 112). Слабостите и грешките треба да се гледаат во поширок контекст. „Мораме едноставно да сфатиме дека сите ние сме сложена мешавина од светлина и сенка. Другата личност е многу повеќе од број на ситници кои ми пречат (Amoris Laetitia, 113).
Довербата овозможува слобода
Довербата во брачната врска овозможува слобода. Тоа значи дека „не треба да се контролира другиот, внимателно да се следи секој негов чекор, да не ни побегне од прегратките. Љубовта верува, дава слобода на другите, не се труди сѐ да држи под контрола“, а оваа слобода истовремено дозволува искреност и транспарентност, затоа што кога поединецот знае дека другиот верува и ја цени неговата голема добрина, се покажува таков каков што е, станува отворен и ништо не крие“ (Amoris Laetitia, 115), забележува Римскиот бискуп.
Мартин Лутер Кинг: Братската љубов и поразувањето на злите системи
Зборувајќи за љубовта која поднесува сè (сп. 1. Коринтјаните 13,7), Папата ги наведува зборовите на Мартин Лутер Кинг, кој со братска љубов ги поднесувал најлошите прогони и понижувања: „Оној што најмногу ве мрази има нешто добро. во него; и народот што најмногу те мрази има нешто добро во него, и расата што најмногу те мрази има нешто добро. И кога ќе го погледнеш лицето на секој човек и ќе погледнеш длабоко во него ќе видиш како што религијата ја нарекува ,Божја слика’, почнуваш да го сакаш и покрај сѐ (…). Друг начин да го сакаш својот непријател е овој: кога ќе се појави прилика да го победиш својот непријател, тоа е моментот кога треба да одлучиш дека нема да го направиш тоа […] Кога ќе се издигнеш до нивото на љубовта, нејзината голема убавина и сила, единственото нешто што ќе се обидеш да го победиш се злите системи. Оние кои се заробени од овој систем, мора да ги сакаш, но обиди се да го победиш системот […]. Ако на омразата враќаш со омраза, само се зголемува постоењето на омразата и злото во вселената[…]. Некој мора да има доволно вера и морал да го прекине и да го вбризга во самата структура тој силен и моќен елемент на љубовта“ (Amoris Laetitia, 118).
Бракот е- динамичен процес кој постепено води напред
Папата Фрањо целосно е свесен за секојдневието на љубовта што нема никаква врска со идеализмот. Така, „не смее на две ограничени личност да се стави голем товар кои ќе мора совршено да го репродуцира единството што постои меѓу Христос и неговата Црква, бидејќи бракот како знак вклучува „динамичен процес кој постепено води напред, благодарение на растечкото обединување на Божјите дарови“ (Amoris Laetitia,122).
Три клучни зборови
Во семејството неопходно е да се „користат три збора: молам , благодарам и прости. Ова се трите клучни зборови! Кога во семејството нема премногу наметливост и кога ќе се научи да се каже „те молам“, кога нема егоист во семејството и кога некој ќе научи да каже „благодарам“, и кога некој од семејството ќе забележи дека згрешил и знае да каже „прости“, тогаш во тоа семејство има мир и радост. Да не бидиме скржави во користењето на овие зборови, да бидеме дарежливи, повторувајќи од ден на ден, зашто „вистинските зборови, изговорени во вистински момент, ја штитат и негуваат љубовта од ден на ден“ (Amoris Laetitia, 133), заклучува Папата.
Не за несоодветно толкување на Посланието до Ефесјаните
Тој не пропушти да предупреди дека „треба да се избегнуваат сите несоодветни толкувања на Посланието до Ефесјаните, каде што Павле повикува ‚жените да им се покоруваат’ на своите мажи“ ( Ефесјаните 5,22). Тој текст е одраз на културна категорија својствени за тоа време – предупредува Папата – но ние не треба да ја прифатиме таквата културна матрица, туку објавената порака што го пренесува целиот тој текст“ (Amoris Laetitia, 156, 154 и 159).
Преобразба на љубовта
Поглавјето завршува со многу важно размислување за „преобразбата на љубовта“ бидејќи поради „долгиот животен век се случува нешто што не било вообичаено во други времиња: интимната врска и меѓусебната припадност траат четири, пет или дури шест децении, а тоа со себе повлекува потреба првичната одлука да мора да се обнови во неколку наврати“ (Amoris Laetitia, 163). Физичкиот изглед се менува, а љубовната привлечност не стивнува, туку се менува. „Кога човек ќе се заљуби, се заљубува во целата личност со неговиот идентитет, а не само во телото. Иако телото старее со текот на времето, тоа никогаш не престанува да го изразува личниот идентитет кој прв ги освои нашите срца“ (Amoris Laetitia, 164)
Ватикан њуз/к.мк