Прославен патрониот празник на Катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје
Во вечерните часови на 27 јуни 2014 година во Скопје на празникот Пресвето Срце Исусово, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов ја предводеше светата Евхаристија по повод прославата на патрониот празник на скопската бискупија и скопската парохија.
Со бискупот Стојанов сослужуваше и Генералниот викар монс. Антун Циримотиќ, како и шест други свештеници. На почетокот на Мисата дон Давор Топиќ, скопски катедрален парох, ги поздрави присутните и ги упати своите честитки по повод патронатот на бискупијата и парохијата.
Во пригодната проповед бискупот Стојанов рече: „Драги браќа и сестри секогаш постои опасност кај некои таинства од верата да се задриме површно. Побожноста кон Пресветото Срце Исусово за голем број верници е една убава и силна слика, корисна и спасоносна побожност, но само побожност. Сепак празнувањето на таинството на Срцето Исусово нѐ води до самиот центар на економијата на спасение и до најдлабоката и најинтимна средба со Бог. Денес кога го празнуваме Пресветото Срце Исусово треба да се потсетиме дека поимот срце не е поим на виталниот човечки орган, туку се зема како поим кој е бит на човекот. Според библиското сфаќање човекот не само што има срце, туку тој е срце. Кога го празнуваме Срцето Исусово го славиме оној кој е срце, ја славиме Исусовата бит.
Црквата е заедница на собрани и заедница која ја собира Светиот Дух. Апостолот вели: И ние видовме и посведочивме. Што? Сведочиме дека Бог е љубов, дека за спасение на човекот го даде својот Син и дека темел на нашата вера е прифаќањето и исповедувањето дека Исус е Син Божји. Црквата е повикана и затоа постои, таа вистина да се навестува до свршетокот на светот и до крајот на времињата. Да се огледаме на Исус кој ни зборува: Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам… (Матеј 11,28-29) И ние денес пред Исус сме уморни и оптеретени и сакаме својата душа да ја окрепиме од неговото срце. И да сфатиме дека неговиот јарем не е тешок и неговото бреме не е невозможно, ниту за мене како поединец, ниту за Црквата како заедница, ако знаеме да служиме во понизност и со љубов“.
При крајот на славењето следуваше обожавање на Исус во Пресветата Олтарска тајна, кое го преводеше бискупот Стојанов, а за време на обожавањето верниците молеа литанија во чест на Пресветото Срце Исусово и ја измолија посветната молтива.
По завршувањето на Мисата следуваше агапе во салата на пасторалниот центар, каде бискупот Стојанов упати благодарни зборови за богословот Бошко Чатлак за поминатата пасторална година во скопската парохија, како и за неговото сведочење на верата и помошта која ја даваше на парохот дон Давор Топиќ.
РВ/к.мк