Говор на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во МАНУ на Свечената академија по повод Татковинска прослава „Денови на света Мајка Тереза“

 Повик на светост

 Почитувани, ми претставува особена радост и голема чест во овој храм на културата да проговорам за најголемата жена од нашиот град, најголема не само затоа што досега е единствена добитничка на Нобеловата награда за мир, туку и Универзална светица на Католичката црква, родена во Скопје. Ве поздравувам во духот кој таа го живеела, сведочела, со истиот тој дух со кој таа го прегрнува целото човештво. Кон нејзината личност никој не може да се однесува индиферентно, затоа што таа ги заштитувала најсиромашните, а ја будела совеста кај најодговорните. Дозволете ми како бискуп во Католичката црква да проговорам за поимот светост и за фактот дека нашата сограѓанка Тереза (Агнес Гонџа Бојаџиу) е воздигната како светица почитувана во целата Католичка црква и меѓу сите луѓе со добра волја.

Кога зборуваме за поимот свет тогаш најнапред зборуваме за атрибут кој му припаѓа исклучиво на Бог. Тој е апсолутно совршенство. Бог е единствен кој е свет. Нема религија во која поимот на највозвишеното битие не е овенчан со поимите: најсовршен, бесконечен, вечен. Кога говориме за човекот, се поставува прашањето поврзано со точната дефиниција, односно со сеопфатен одговор на прашањето: што е тоа човек? Познато е дека и медицината и филозофијата и антропологијата, како впрочем и многу гранки од други научни области, секоја од свој аспект ги дале своите одговори, сметајќи дека го дале конечниот одговор, но мораме одговорно да заклучиме дека ниту една од науките не успеела да даде конечен одговор на ова прашање. Истакнатиот академик и нобеловец Алексис Карел во својата книга: „Непознат човек“ истакнува дека човекот во суштина е недофатлив во дефиницијата. Зошто? Низ историјата, во себе забележуваме некој вид на единственост, неповторливост и еднаквост. Никогаш не сум бил, никогаш повеќе нема да бидам, а сега сум. Се прашувам: кој сум јас? Го забележуваме своето тело кое медицински може да се раслои на милијарди клетки со чудесни функции без можност да кажеме кој сме, туку само да кажеме тоа е наше тело. Кога ќе се замислиме за она што е наша психа чувствуваме дека и тоа подрачје не е до крај испитано, а можностите кои ги отвора постојано не изненадуваат со нови сознанија но и тие не го опфаќаат во целост поимот човек, туку само ги откриваат функциите кои се психофизички. Кога ќе се воздигнеме на духовно ниво ние чувствуваме дека материјата нè сместува во време и простор, но, нашиот дух ги надминува границите и на времето и на просторот. И сега на прашањето кој сум јас и што е тоа човек одговорот е: тоа е душа. Библијата како темелна книга на христијанството ни зборува за таа сложеност – а пред сè апостол Павле (кој имаше мисија и во Македонија) толкува дека човекот е дух, душа и тело.

Религиите се обидуваат да дадат уште поцелосен одговор на ова прашање и најновата теологија говори за таканаречената духовна душа. Зошто го говорам ова?

Почитувани присутни, уважени гости, таинството на животот на Мајка Тереза не може да се разбере без релацијата со нејзината вера дека Бог Создателот е Татко и дека секој човек во мигот на зачнувањето од Бога добива вдахната, единствена, посебна душа, лице на Божествениот во нас. А тоа значи, дека човекот е дух, душа (психа) и тело, но единствено човекот е поврзан со Бог како со Татко кој човекот го создава исклучиво од љубов, за во него, според таа духовна душа, да се насели Божествена љубов. Така човечкиот живот во достоинството на личноста има свое јас во директната комуникација со Бога кој е апсолутно совршена љубов. Затоа свети Августин ќе каже: немирно е нашето срце додека не се смири во тебе. Со еден збор човек не може да биде ограничен со материја и да заврши со смртта. Уште повеќе, човек не може да биде остварен ако во својот живот не остварил љубов. Збунети сме денес бидејќи поимот љубов, спаѓа меѓу најдевалвираните зборови. Затоа, тешко е да се говори за љубов, а при тоа да се има јасна слика дека тоа е највисоката вредност што човечката личност ја прави личност и дека станува збор за најчовечката релација што ја имаме кон другите луѓе. Доколку ни стане јасно дека Бог освен од љубов, немал друга причина да нè повика во живот, тогаш и животот ако не е остварен во љубов нема смисла.

Човекот е Божја слика. Доколку сакаме да бидеме до крај христијански доследни тогаш не можеме тоа да бидеме без завршната Исусова порака во Евангелието според Матеја: „гладен бев и Ми дадовте да јадам, жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте…“ (Мт 25,36), „Вистина, ви велам: доколку сте го направиле за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле“ (Мт 25,40). Кога апостолите го замолиле Исус да им го покаже Отецот Тој одговорил: „Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот“ (Ив 14,9). Човек на човекот му е брат. Така е во христијанството, но и во многу други религии тоа е темелна мисла и базична порака.

Кога сега, во светлината на овие мисли ќе го поставиме прашањето: што е тоа светост или кој е тоа светец, сам по себе ќе ни се наметне одговорот дека тоа е оној кој во себе најмногу го остварил Бога, оној кој Бог го создал и го повикал во живот помалку или повеќе години да помине на земјата правејќи добро.

Уважени присутни, на ваква светост повикан е секој човек. Секој од нас има повик да биде вистинит, неповторлив, единствен и да помине низ животот оставајќи зад себе светла трага. Секој од нас е запалена ѕвезда на темната позадина на небото за да биде ориентир кога навистина ќе нè покрие темнината. Нивниот сјај никогаш не згаснува. Таква е нашата сограѓанка Мајка Тереза. Таа во еден од најсиромашните краеви на светот засветила, би се осмелил да кажам, дури како сонце кое не познава залез. Не била врзана за нашите граници, култура, јазик, нација, социјален статус, туку се издигнала над сето тоа премостувајќи ги сите тие категории за да ја пренесе главната порака низ дела, а не само со збор. Човече ти си човек. Кога на улиците на Калкута ги собирала тие кои биле на умирање, била свесна дека нема да ги спаси од смртта дури ни од болеста, но ќе ги измиела, ќе ги прегрнела и ќе им шепотела за да умрат достоинствено како луѓе. Најголема светост е да се биде човек на човека, надминувајќи ги сите ограничувања. Таквата херојска љубов не познава граници, не и е позната омразата, не знае што е одмазда, ниту што е себичност, знае само едно: да му помогне на човекот да биде човек.

Кога Католичката црква под многу строги критериуми ќе одлучи некого да прогласи за свет тоа не го прави за да го негира милијардитото мноштво, туку за да поттикне на следење на оние  кои со својот пример оставиле печат. Католичката црква ги прогласува за свети, што дословно значи дека во таа личност се манифестирала и била забележана Божјата светост, добрина, љубов и присутност. Така е во христијанскиот свет, во најширока смисла на зборот, секој кој е крстен е повикан на светост и сигурно дека огромен е бројот на наши предци, родители, ближни чие светло и сега осветлува во нашите души, додека светците како Мајка Тереза повеќе се воздигнати за да ги препознае целото човештво, да ги препознае како остварена љубов или барем како повик на љубов. Конечно за верниците, светците се застапници, бидејќи ние веруваме дека во небесната прослава на вечниот живот тие можат да нè застапуваат и да ни бидат заштитници. Цврсто верувам дека покрај нејзиниот Бенгал, нејзината Калкута, Мајка Тереза нема да го заборави ниту нејзиното родно Скопје. Повторно ќе го цитирам свети Августин кој рекол: Кога толкумина можеа зошто не би и ти Августине.

Почитувани присутни, поздравувајќи ве срдечно, славејќи радосно, го завршувам овој свој говор со зборовите: кога можеше Мајка Тереза од Скопје зарем не би можеле и ние, нејзините сограѓани, нешто да направиме од тоа што таа ни остави во трајно наследство. Благодарам на вниманието!

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот